Преку креирање нова Национална стратегија за млади ќе се дефинираат основните принципи и насоки за подобрување на квалитетот на живот на младите луѓе во државата во наредните пет години. Станува збор за документ кој треба да ги подобри јавните политики кои директно ги засегаат младите, особено во делот на вработувањето, образованието, здравствената и социјалната инклузија. Носител на активностите за подготовка на стратегијата е Агенцијата за млади и спорт, а процесот ќе се одвива со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на ОН (УНФПА).

„Веќе изработивме методологија за креирање на Националната стратегија за млади, ги поставивме темелите и очекувам до крајот на годината да имаме првична верзија на стратегијата, која ќе биде проследена со Акциски план за 2023 година. При тоа, процесот е целосно инклузивен и транспарентен. Нашата цел е да се слушне гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да ги поттикнеме да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нивната сегашност и иднина“, изјави Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, на денешниот настан со кој беше одбележан почетокот на неделата на млади.

Националната стратегија за млади 2023 – 2027 ќе содржи седум главни тематски области: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништо и безбедност (насилство). Документот ќе опфати и други области, со цел да ги одрази реалните потреби на младите луѓе.

„УНДП го поддржува овој многу важен процес за подготовка на стратешки документ кој опфаќа различни политики од интерес на младите, бидејќи наша должност е да бидеме на страната на младите луѓе во нивната борба за намалување на возрасните бариери во различни области, како вработување, политичко учество, здравје и правда. Начинот на кој ги ангажираме младите денес, во голема мера ќе ги дефинира можностите за одржлив и инклузивен раст и развој на државата во наредните години“, рече Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Процесот на креирање на Националната стратегија за млади 2023 – 2027 ќе биде транспарентен и отворен за учество на сите заинтересирани страни, со целосно почитување на принципите на еднаквост, недискриминација и инклузивност.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн ја потенцираше важноста на младинското учество во подготовката на новата национална стратегија. На присутните претставници од младинските граѓански организации им порача: „Никој не ги разбира проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе во државата подобро од вас. Ние треба да ве слушаме вас, а вие со вашите креативни идеи треба да бидете значаен дел од решенијата на овие проблеми и предизвици.“

Во рамки на одбележувањето на 12 август – Меѓународниот ден на младите, Агенцијата за млади и спорт ќе организира меѓународна младинска конференција „Младите во Отворен Балкан – шанси и сигурни перспективи за сигурен напредок во регионот“ и Доделување на награда за младинско учество.