Од започнувањето на примената на мерките и препораките на Владата на РСМ заклучно со денеска, 22 март,  Министерството за внатрешни работи поднесе вкупно 77 кривични пријави. До надлежните основни јавни обвиителства доставени се пет посебни извештаи, а изречени се и десет прекршочни мерки по основ на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Покрај овие активности МВР, односно Секторите за внатрешни работи при министерството контролираат 604 лица на кои им се поднесени решенија за изолација, како и 6.662 изјави за самоизолација на наши граѓани. При извршените контроли по основ на решенија за изолација утврдени се пет непочитувања на решенијата, додека пак по основ на изјавите, т.е. наредбите за самоизолација утврдени се непочитувања на самоизолацијата во 105 случаи.

Полициските службеници во соработка со другите надлежни институции направиле вкупно 1.357 контроли врз угостителски и други објекти, во 17 случаи констатирано е непочитување на мерките а во шест случаи поднесени се кривични пријави по член 206 од КЗ на РСМ. А.Р.