Денеска покарј сите засегнати, мајките на продолжено породилно отсуство ја очекуваа прес конференцијата, бидејќи им беше ветено дека ќе има конечен одговор на нивните барања за продолжување на породилното отсуство. Но, по завршувањето на прес конференцијата на мајките кои бараа продолжено породилно им е повеќе од јасно дека нема одговор на нивните барања. Ниту ветувањата дека ќе им биде одговорено,  без разлика на исходот, не се исполнија. Министрите префрлајќи ја топката од еден на друг не најдоа за сходно да излезата пред нив, како што им ветија, и да им кажат дека нема позитивна одлука за нивните барања.

Владата го донесе четвртиот сет мерки, премиерот неколкупати се повика на здравјето на граѓаните потенцирајќи дека никој нема да биде изоставен, но 2600 мајки кои упорно бараат продолжување на мерката останаа надвор од грижата на Владата. Сега, најголем број од нив ќе може да бараат средства од пакетот мерки наменет за невработени…Како што патем пишувавме од групата на мајки собрани на социјалните мрежи над 50 мајки добиле отказ, а 150 биле принудени да си дадат отказ бидејќи градинките не им ги запишуваат децата во јасли. Само колку за потсетување, министерката Шахпаска кажа дека има место за сите деца, притоа објаснувајќи дека има деца што се запишани, но не одат. Но, не одговори дали тие деца чии родители редовно плаќаат за одење во градинка, но во време на пандемија остануваат дома со родителите, ќе бидат отпишани и на нивно место ќе се запишат нови и кога ќе се слуши тоа. Работодавците не ја чекаат Владата да ги запише сите деца во градинка, и не работат по „замолница“, работат според Одлуките што ги носи Владата.

Но, кој да се грижи сега тоа!?

А, само колку за потсетување денес на клиниката за детски болести Козле се хоспитализирани 4 позитивни деца и 2 мајки, во градинките катадневно има по некое новорегистрирано лице, но како што рече премиерот треба да се научиме да живееме со вирусот!

Н.Доковска