Денес, 19 февруари (понеделник), со почеток во 20 часот во Кино Култура, ќе се одржи промоција на поетската книга „Сонувани и будни песни“ од Владимир Мартиновски. Промотор на книгата е акад. Влада Урошевиќ, а песните ќе ги читаат Билјана Стојановска и авторот, во музичка придружба на Петар Христов. Книгата е двојазично издание на „Кликер“, а песните се препеани на англиски јазик од страна на Милан Дамјаноски.
Поетската книга е настаната за време на учеството на Владимир Мартиновски на Меѓународната книжевна програма на Универзитетот во Ајова од август до ноември 2017 година. Во предговорот на Влада Урошевиќ се истакнува: „Тонење в сон, изнурнување од сонот: две точки на закривената линија време-простор на кои го осознаваме, секогаш одново, нашето место во светот и помеѓу кои може да се смести и смислата и бесмислата, и случајот и предопределеноста, и причината и последицата, и свеста и несвесното. Од премините помеѓу тие две агрегатни состојби на духот, Владимир Мартиновски извлекува алармантни ситуации, панични глетки, вртоглави препознавања. Неговите песни се раскошни азна преполни блескави слики, изненадувачки споеви на одеднаш откриените сродности, рески пресеци на времиња и на простори. А за да покаже дека сето тоа има своја внатрешна неопходност и неминовност, тој ни дава да го насетиме, прескокнувајќи го хоризонтот на очекувањата, тајниот код што ги спојува овие песни со двете големи соништа на човештвото – Илијада и Одисеја“.
За „Сонувани и будни песни“ се произнесува и Кристофер Мерил, директорот на Меѓународната книжевна програма на Универзитетот во Ајова: „Во неговата нова книга, Владимир Мартиновски својот џет лег од прекуокеанскиот лет го користи како инспирација за низа впечатливи поетски секвенци во кои го истражува не само комплексниот однос меѓу ноќта и денот, туку и неомеѓениот и нестабилен простор меѓу сонот и будноста. Тоа што го открива е дека дури и ако секој ден обврските / ни го затемнуваат сонцето, проникливите сепак знаат дека во секој миг светат остри стрели што паѓаат / како комети од ведро небо. Еве поет кој знае да започне разговор со секого и со сѐ во вселената. Ислушајте го!“
Поетесата Елизабета Баковска за оваа книга истакнува: „Напишана далеку од дома, во друга временска зона, оваа збирка во поднасловите носи една јасна алузија на Илијадата и Одисејата, т.е. на долгото отсуство од дома и уште подолгиот пат назад. Поезијата овде живее некаде на границата меѓу сонот и јавето, во нивните преклопувања и прелевања. Флуидноста на сонот и јавето е она со што поетот си подигрува, релативизирајќи го мигот на будењето како исчекор во реалноста. Во првиот дел, сонуваното го најавува јавето – луѓето од сонот се појавуваат и на јаве, знаците од сонот твинпиковски се мешаат, тие се симболите кои треба да се прочитаат за да се разрешат загатките од стварноста. Во ова интензивно сонување се навестува осаменоста на поетот далеку од дома, таму во непознатите соби, во непознатите градови, далеку од сликите од детството и од пријателот кој во меѓувреме починал. Во вториот дел, во будните песни, поетот ја користи трансформацијата како лајт-мотив, т.е. кафкијански, будењето во поинаква реалснот. Песните се покуси, но подеднакво моќни во пренесувањето на сликите и емоциите. Соништата од првиот дел избледуваат на патот кон дома, а поетот се враќа инаков, зашто „на пат побрзо се старее“. Иако збирката, очекувано, според локацијата на своето создавање, е двојазична (на македонски и на англиски), македонскиот јазик останува првичниот дом на поетот, на кого грб со грб, нопачно се залепил англискиот превод на Милан Дамјаноски“.
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор на поетските книги: Морска месечина (2003), Скриени песни (2005), И вода и земја и оган и воздух (2006), Квартети (2010), Побрзај и почекај (2011), Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014), Внатрешни планини (2016) и Сонувани и будни песни (2017). Неговите песни се објавени на дваесетина јазици. Објавил три книги со хаибуни: Ехо од бранови (2009), Мачка во магла (2016) и Небо без ѕвезди (2016). Автор и на книжевно-теориските книги: Од слика до песна (2003), Споредбени триптиси (2007), Les Musées imaginaires (2009), Слики за читање (2009), Споредбени диптиси (2011), Зоон поетикон (2013) и Narro ergo sum (2015). Добитник на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).