Валентина Ѓоргиевска Парго

Композитор од сенка чија генијалност како автор и гитарист, веќе е предмет на дискутирање и пофалби од странски новинари кои ја слушнале неговата музика, а дел беше презентирана и на светски форум за музика. Без многу опис, му даваме збор на маестралниот Владо Ѓоргиевски.

*Измина една чудна година, во која сите ние се најдовме како затворени во стаклено ѕвоно, секој со својата приказна. Но, за некои музичари беше и доста авторски плодна, компонирана во своите музички студија. Како вие ја поминавте 2020 на музички план?

-Минатата 2020 беше година која претставуваше предизвик во сите сфери од животот, а не само на музички план. Сепак како позитивен момент би ја издвоил песната „Љуби ме до мрак“ која ја работев за тебе Вале, и морам да признам, со големо задоволство, бидејќи имаш еден позитивен пристап кон музиката, ја сфаќаш музиката како забава, што претставуваше посебен предизвик за мене како автор на музиката и на аранжманот.

*Песната која ја споменавте Вам ви донесе број и комплименти. Да ја издвоиме пофалбата од нашиот славен рокер и бројни честитки од новинари од Израел, Шпанија, Грција, Португалија, Украина, дека отворениот дел на гитара е крајно мајсторски, а песната многу убава. 

-Секогаш претставува чест и задоволство кога едни такви величини ќе се изразат позитивно за она што го работите. Јас во песната со гитарата гледав да внесам блузерски дух кој одлично се вклопи во една ваква класична рок композиција, и ако ја заслушате внимателно, ќе видите дека гитарските делници се во еден своевиден дијалог со вокалите.

*Изминативе години се претставивте како добар автор на забавни поп и фолк песни, најчесто изведувани на фестивали, кои редовно добиваа со награди. Но, од каде рок моментот кај вас. 

-Па ако бидам искрен, јас сум пред се рокер, но некако се адаптирав на она што е барано на естрадата, и веројатно и оттаму и впечатокот кај вас дека сум поп автор, со мали излети и во фолк водите. За жал мораме да констатираме дека рок културата доживува голема стагнација, не само кај нас, туку и во светот, за сметка на „инстант“ продуктите на кичот од кој сме нападнати преку мас медиумите.

*Јавноста ве знае со поп- дуетот со Лени Партикова и со фолк групата „Амбасадор бенд“, каде освен што сте член, вие ги компонирате и песните. Имате ли планови со овие музички формации? 

-Па, како и сите други музичари, и ние сме во некој период на присилно паузирање заради состојбата со пандемијата, и сега за сега плановите чекаат некои подобри времиња за реализација, иако креативниот импулс кај мене постојано си работи, и во моето студио постојано запишувам нови демо снимки од кои би требало да произлезат нови песни во иднина.

*Постојано работите, ве имаше на фестивали, но имам впечаток дека тивко и во сенка ја ткаете вашата музичка приказна, не се ставате во прв план. Како повеќе да ја преферирате таа некоја спокојна студиска атмосфера отколку сценска. Во право сум или не? 

-Па можеби тоа изгледа така само на прв поглед.Јас и со групата и во дуетот сум и вокален интерпретатор, така што тој впечаток можеби е само привиден. Од друга страна работата на создавање една песна во студио ми причинува поголемо задоволство, па ете уште еден елемент во прилог на вашето тврдење.

*Во вашето студио до каде се материјалите за издавање на албум? 

-Работата во студио има една голема предност, а тоа е тоа што немате одредено работно време. Доколку креативноста ви е на високо ниво, тогаш создавате се повеќе материјал. А на вашето прашање за албум, гледајќи како многу поголеми имиња веќе не се решаваат на издавање носачи на звук, туку својата музика ја претставуваат во дигитална форма, тоа е и мојот начин на презентирање на новите песни, се разбира покрај фестивалите кои и официјално ги издаваат песните на цд.

*Во едно интервју имате изјавено дека на нашата естрада, и на нашите медиуми можеме да слушаме и да гледаме музика која или има силен финансиски бекграунд, или се форсира поради некои други фактори. Тоа не е далеку од вистината, тоа е со мали исклучоци сосема точно, но како тогаш Вие и други музичари кои заслужуваат, ќе се изборат за свое место во медиумите? 

-Медиумите одамна немаат музички редакции, нешто што беше својствено за националната телевизија порано.Тие редакции селектираа што смее, а што не смее да се појави во етер.Сега сите одат на принцип оваа видео продукција оди во пакет со таа телевизија, па ако им дадете пари за да ви снимаат спот, ќе ве има, ако не,тогаш сте indie artist, што би рекле во Англија. Искрено, не гледам начин како оваа ситуација би се сменила во блиска иднина.

*Естрадата оваа година остана без ангажмани, некои тешко се снаоѓа за преживување, а некои добија мала помош од државата. Вие не бевте гласен со критики. Да не бевте во тие, селектираните, кои по селективни методи добија пари? 

-Финансиски средства од музиката единствено сум добил кога сам сум ги заработил настапувајќи по ноќните локали, што значи не сум од одбраните кои добиле финансиска помош од државата. А што се однесува до критиките, не сметам дека сум фактор кој може да смени многу на ова поле.

*Интересно, да се настапи пред моќен светски лидер е најчесто привилегија на големи и планетарно познати музичари, ама и вие сте на таа листа. По малку е за “верувале или не” како бенд со Вашиот брат Драган настапивте пред рускиот Претседател Путин и Премиерот Медведев во ист ден. Анегдотата вели дека деканот од Славјански Универзитет Јордан Ѓорчев ви рекол да не кажувате оти луѓето нема да ви веруваат, а на граница кога ве прашале од каде се враќате исто не ви поверувале и ви дофрлиле „аха, да, сте пееле, сигурно…ха ха ха“. Ви изгледа ли таа шанса остварлива да речеме по втор пат, или знаете дека тоа се ретки и речиси неповторливи прилики?

-Да, тоа беше искуство кое сигурно нема да се повтори, веројатно коцките така се местат само еднаш во животот. Со мојот брат Драган, со кого заедно настапуваме како Фанк Офф бенд со години, ја имавме таа привилегија да го имаме и тој настап пред Владимир Путин, благодарение на директорот на Славјански универзитет, господинот Јордан Ѓорчев, каде всушност и пеевме руска класика, композицијата Подмосковние вечера, што е своевиден куриозитет, на Русите да им пеете руска песна. Незаборавни моменти во секој случај.

*Зошто во нашите медиуми некако срамежливо и речиси “нечујно” ја објавивте ова вест? И тоа речиси по години. Луѓето на естрадата најчесто прават голема бука и со незначителни и небитни нешта, а вие обратно. 

-Оваа вест телевизиски, заедно со директорот ја промовиравме на Македонската телевизија, и јас подоцна на Телевизија 24, што можеби е и доволно за нешто што не е политика (ха, ха, ха).

*Како професор по македонски јазик годинава бевте поактивен и со професорките активности во вашиот град Свети Николе. Какви искуства овој пат ви донесоа тие?

-Да, како професор по книжевност ги мотивирам младите генерации да читаат и да го негуваат натпреварувачкиот дух, што секако носи и награди како резултат, што на регионално, што на државно ниво.

*2020 беше година на многу промени, тажни и радосни нешта, зачекоривте во брачните води. Во 2021 на што се насочени Вашите надежи и планови?

-Па, како човек кој скоро запловил во брачните води, повеќе внимание ќе посветам на приватниот живот, иако музиката секогаш е присутна.