МКЦ и AP(o)TEKA / АП(о)ТЕКА Винил шоп во опуштена “пикник” музичка атмосфера го одржаа второто издание на светскиот настан „Record Store Day“ –  21 април пред МКЦ!
На програмата настапија  диџеи, кои пуштаа музика исклучиво на винили:
Нора Стојановиќ (Мизар, Vermilion Deviate, Nora), Саша Павловиќ ака Фреш (Süns, Demek, Bernays Propaganda), Зоран Ристевски ака Зоки Бејбе и  перформанс во живо на Mammoth & Yashem. Во духот на настанот, награда за македонски амбасадор на овогодишното издание на „Record Store Day“ му ја додели на најдобриот македонски, балкански, а цврсто ќе ја браниме и тезата дека е во редот на најдобрите европски гитарист на сите времиња Влатко Стефановски.
Како што вели организаторот, признанието му припадна најмногу заради фактот што токму тој во изминативе 50 години, колку што трае неговата музичка кариера (првиот документ каде се споменува состав каде тој членува – Јегуље, датира од 1968 година), со име и презиме ќе потпише најмногу винилни изданија во македонската дискографска историја. Најмногу под името „Леб и Сол“ (10 единечни, еден дупли албум, 3 синглови и еден “Интервју со…” сплит дупли албум), една сингл плоча како Влатко и Бодан, еден албум под сопственото име (Влатко Стефановски) и еден (дупли 12”EP) под името Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
Честа да биде Worldwide Record Store Legend ја добива Владимир Мандичевски – Манде, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради улогата која ја имаше неговата (прва во Р. Македонија) музичка продавница „Bagi Shop“ на почетокот на 90-тите години од минатиот век.
На програмата беше и изложба на омоти на македонски плочи и изданија кои годинава слават 20-25-30-40 години од своето издание и можност за купување винили и CD-а од АП(о)ТЕКА со специјален попуст од 20 отсто.