Влегување во матриксот

Во текот на мај новата платформа „МАТРИЦА“, во организација на здружението „Аквариус“, одржува работилници за филмска критика во Куманово и во Скопје, со цел да потсети на важноста и неопходнота на критичката мисла

150

Зошто филмска критика? Колку е важно денеска да се зборува за критичкото мислење и колку е важно младите да ја знаат важноста во поглед на оценувањето на уметничките дела. Бидејќи денеска, во нашата земја, не само што веќе речиси и нема осврти и рецензии на уметничкото творештво, туку целосно е девалвирана културата. А тоа со себе повлекува многу нешто, влијаејќи на образованието, на запознавањето на младите со важноста на творештвото и на критичката мисла, учењето на кој начин да се гледаат уметничките дела и на кој начин да се восприеми творештвото. Кај нас денеска никој нема однос кон сето тоа, а што е најстрашно дури ни медиумите. Таа култура на вреднување на уметноста тотално се загуби, а практичното размислување на сопствениците на медиумите се сведува на тоа дали имаат корист. Зошто би трошеле време и средства на култура, ако таа денеска во нашата земја нема никаква вредност и ако за нејзиното консумирање никој не дава пари.

„МАТРИЦА“, покрај работилниците за филмска критика, вклучува и работилници за сценарио. Планирано е овие работилници да се одржат во 4 града, во: Куманово, Скопје, Гевгелија и Богданци. На 11 и 12 мај се одржаа работилниците за филмска критика во Занаетчискиот дом во Куманово, а на 17 и 18 мај претстојат работилниците за филмска критика во Скопје, кои ќе се одржат во Кинотеката на Македонија со почеток од 16 часот. Партиципиентите ќе можат да го видат класикот „Бунтовник без причина“, а ментори на работилниците се: Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска.

Некако, се чини како сите да се помирија со тоа. Да, постојано се зборува дека култура нема, но никој не презема нешто многу околу тоа. Како да не сме свесни дека овие генерации што сега се образоваат и созреваат, кон уметничкото творештво немаат никаков однос, ниту кон книгите, ниту кон сликарството, вајарството, музиката, театарот, филмот. Сите како да заборавија дека обележјето на едно време лежи во културата, во творештвото, во начинот на кој тоа творештво зборува за своето време и во начинот на кој критичарите ги оценуваат тие уметнички дела и зборуваат за нивната вредност, значење и влијание.

За жал, сè останува само на зборување. Дури и кога има одредени иницијативи, тие не се доволни ако немаат континуитет и ако нема кому сето тоа да му се пренесе. Токму затоа здружението „Аквариус“ реши, покрај филмскиот магазин ФИЛМ+, да се вклучи кон овие иницијативи со една нова платформа, наречена „МАТРИЦА“ и да го даде својот придонес да се пополнат некои празнини, кои одамна се алармантни. Целта е да се создаде нов модел и поинаков пристап во начинот на организирање работилници за сценарио и за филмска критика, по пат на една сосем поинаква анализа.

„МАТРИЦА“ ќе се обиде да го надополни она што недостига во едукацијата, а тоа е начинот на учење низ критика. Таквата пракса е многу малку застапена во нашето образование, кое главно се сведува на теорија (особено кога зборуваме за филмот).  Критичната мисла ја нема, но и кога ја има, ретко е објективна, ретко е директна и аналитична. Филмската критика бара одговорен однос и респект кон делата, бидејќи само објективна критика е продуктивна и помага работите да се движат кон подобро.

Една од важните цели, секако, ќе биде развојот на таа критична мисла, бидејќи без тоа нема одење напред, ниту создавање зрели дела, ниту компетентни автори, ниту слика за тоа каде сме и каде одиме. Целта е да се вклучат што повеќе партиципиенти, и тоа од различни области, а особено и од другите градови, бидејќи филмската уметност во Македонија не е сконцентрирана само во Скопје.

„МАТРИЦА“ е име кое не е случајно одбрано (на англиски matrix, со сосем адекватна асоцијација на истоимениот НФ филм кој на свој начин ја донесе иднината). Матрицата е модел, матрицата е систем, матрицата е структура, како што покажа и филмот. „Аквариус“ ќе се обиде во неа да испише едно ново време, поточно време кое ќе се потпре на вистинските и проверени вредности и тргнувајќи од нив ќе се обиде да создаде нови. Матрицата ќе биде и еден вид школа, но и искуство за младите учесници за да ја сфатат вредноста и важноста на критиката и анализата на творештвото, кое кај нас е проголтано од „црната дупка“ на незнаење и непочитување.

Како што објавуваат од „Аквариус“, тие ќе започнат со филмски критики, со класици и со млади учесници кои треба да влезат во „матриксот“ за да ги погледнат работите поинаку. Се покажува, тврдат тие, дека за тоа има и волја и разбирање и од институциите и од професорите, проблемот сепак е во системот, кој повторно го прават луѓето, но упорноста и правото насочување секогаш можат да вродат со плод. На работилниците ќе можат да се гледаат филмови, да се дискутира, да се анализира и да се работи на филмските критики. Потоа, „МАТРИЦА“ своите активности ќе ги продолжи во септември. Поканата е отворена, а пораката гласи: „Се гледаме во матриксот“. (А.Р.)

Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура.