четврток, април 25, 2024
домаНасловнаВо Аја Софија денес прва молитва по 86 години

Во Аја Софија денес прва молитва по 86 години

Во Истанбул од раните утрински часови почнаа да пристигнуваат верници кои сакаат да изведат молитва во Аја Софија, која по 86 години повторно ќе биде отворена за верски церемонии. Многу граѓани чекаат на 11 контролни пунктови да им се дозволи да влезат во просторот за молитва.

После дезинфекцијата, надлежните служби им делат на пристигнатите маски и простирки за еднократна употреба. Во исто време, на граѓаните им се дава симит и чај да се освежат.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и други официјални претставници од повеќе партии се очекува да присуствуваат на церемонијата на отворање. Исто така, по повод церемонијата, пристигнаа многу домашни и странски туристи.

Преземени се високи безбедносни мерки, а направени се и финални подготовки. Како дел од воведените мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот, се планира молитвата да се изведува во пет надворешни зони, три за мажи и две за жени.

Во исто време, на контролните пунктови, надлежните служби ја мерат телесната температура на посетителите и дали имаат маски. На теренот има и 736 здравствени работници, распоредени на 17 локации, како и неколку десетици амбулантни возила, како и амбулантен хеликоптер.

Аја Софија служеше како црква 916 години, сè до освојувањето на Истанбул, додека статус на џамија имаше од 1453 до 1934 година, кога доби статус на музеј.

На 10 јули, турскиот суд ја поништи одлуката на поранешната влада на земјата, со која на Аја Софија и се додели статус на музеј на 24 ноември 1934 година. Со поништување на споменатата одлука, на Аја Софија е вратен статусот на џамијата.

Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфор, Аја Софија од 1985 година е вклучена на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Во последните неколку дена, надлежните служби го уредија просторот внатре, но и на платоата околу Аја Софија.

Турските власти најавија дека ќе продолжат со зачувување на културните и историските вредности на Аја Софија на таков начин што Управата за верски работи на Турција ќе биде одговорна за верските церемонии, а Министерството за култура и туризам на таа земја ќе се грижи за реставрација, конзервација и заштита.

Туристите сепак ќе можат бесплатно да ја посетуваат Аја Софија, а фреските на sидовите ќе бидат покриени со завеси само за време на молитвите во џамијата. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ