Вакцина „АстраЗенека“ Фото EPA-EFE-Daniel Dal Zennaro

Денес на Меѓународниот аеродром во Сараево беа доставени 23.400 дози вакцини произведени од „Фајзер-Бионтек “, кои БиХ ги купи во рамките на механизмот „Ковакс“.

Ова се првите вакцини што БиХ ги прими преку механизмот „Ковакс“, од 1.232.000 дози што беа нарачани и платени. Процесот на набавка на вакцини преку „Ковакс“ во БиХ започна во јули минатата година, а договорот беше потпишан на 18 септември 2020 година.

Овој механизам, кој вклучува 186 земји, е координиран од Глобалната алијанса за вакцини (ГАВИ), Светската здравствена организација (СЗО) и Коалицијата за епидемиска подготвеност (ЦЕПИ).

Република Српска, Федерацијата на БиХ и областа Брчко издвоија околу 13 милиони долари за набавка на вакцини преку механизмот „Ковакс“, а нарачаните количини се доволни за имунизација на околу 20 проценти од граѓаните.

Министерството за цивилни работи во Советот на министри соопшти дека вечерва во Сараево ќе пристигнат 26.400 дози од вакцината „АстраЗенека“. Овие вакцини ќе пристигнат на меѓународниот аеродром во Сараево со лет од Истанбул, а предвиденото време на слетување на авионот е 19:50 часот, пишува Срна. А.Р.