Најмалку 27 лица починаа во Грција од западнонилска треска, а 234 лица се заразени, соопшти грчкиот центар за контрола и превенција на болести. Во соопштението се наведува дека 183 заразени страдаат од нарушувања на централниот нервен систем.

„До 23 август имаше 11 смртни случаи, а бројот на потврдени случаи на инфекција изнесува 107. Во изминатиот месец, бројот на жртвите е зголемен за 2,5 пати“, се вели во соопштението.

Вирусот на западнонилска треска во Грција првпат беше регистриран во 2010 година, а до 2014 година околу 80 лица починаа поради инфекција. Во текот на 2015 и 2016 година, не се регистрирани нови случаи на болеста, а во 2017 година пет лица загинаа од оваа болест, додека 48 беа заразени со вирусот, потсети „Спутник“.

Појавата на западнонилска треска е регистрирана во уште осум европски земји. Западнонилската треска се пренесува од комарци, а нејзината појава оваа година беше предизвикана од високите температури и врнежите во почетокот на летото.