Фото: EPA-EFE DIVYAKANT SOLANKI

Индија денес објави рекорден број на инфекции со коронавирус, со што стана втора по САД што регистрира повеќе од 100.000 нови инфекции на ден, додека болниците во најпогодената земја Махараштра се преоптоварени, пренесува Хина.

Дневниот број на заразени се зголеми за околу 12 пати, по неколкумесечниот пад до почетокот на февруари, кога властите ги ублажија повеќето ограничувања и луѓето во голема мера престанаа да носат маски и да одржуваат физичка дистанца. Второто зголемување на бројот на заразени лица е во голема мера под влијание на повеќе заразни варијанти на вирусот, велат некои епидемиолози.

Со 103.558 новоинфицирани, Индија сега пријавила 12,6 милиони случаи, најмногу по САД и Бразил, според податоците на Министерството за здравство.

Индија регистрираше најмногу инфицирани лица во целиот свет во изминатата недела.  Бројот на загинати скокна за 478, сè уште една од најниските стапки на смртност во светот, и се искачи на вкупно 165.101 лице кои починаа од коронавирус.

Најтешко погодената индиска држава Махараштра пријави рекорден број нови случаи во текот на ноќта, 57.074. Државата ќе започне со затворање на трговски центри, кина, барови, ресторани и верски објекти во понеделник навечер.

Властите ќе воведат целосно затворање за време на викендот, бидејќи експертите се загрижени за недостатокот на кревети во единиците за интензивна нега, особено во помалите градови.

Претходниот најголем број на дневни инфекции во Индија беше 97.894 во средината на септември, по што бројот нагло се намали и повторно почна да се зголемува кон крајот на февруари, кога економијата целосно се отвори и кога започна да се шири нов мутиран вирус. А.Н.