На 6 февруари (вторник) со почеток во 20 часот, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан документарниот филм „КОПНЕЖ ПО ГЛИНА“ (1998, 15 мин.) во режија на неодамна починатиот Љупчо Тозија, филм посветен на Ресенската керамичка колонија, на авторите што престојуваат во неа и на уметничките дела што се создаваат во неа.
Љупчо Тозија е роден во 1947 година. По завршувањето на Академијата за театар и филм во Загреб во 1974 г., речиси целиот професионален ангажман го помина во Македонската радио-телевизија, сè до 2005 г. кога е поставен за амбасадор на Македонија во Италија. Беше автор, режисер, уредник, а и директор и главен и одговорен уредник на МТВ од 2002 до 2005 г. Има снимено многу телевизиски емисии, театарски претстави и документарни филмови. Режисерското деби го има во 1973 година во Драмскиот театар – Скопје со претставата „Хамлет од Долно Гаштани“. Почина во Скопје на 9 јануари 2018 година.