На 20 април во организација на Алексо Тришоски од Кичево, во НУ Центар за култура “Кочо Рацин”, Кичево, се одржа Хуманитарен концерт за поддршка на деца со пречки во развојот, „Надеж 2018“. На концертот земаа учество повеќе истакнати естрадни уметници од повеќе градови од Македонија, фолклорни друштва, хорови, а меѓудругите настапија и Алексо Тришоски, Христијан Тришоски, Александра Тришоска.

Гостување, кое посебно го одбележа настанот беше настапот на хуманистот, животворец, маратонец и непоправливиот оптимист – Миле Стојкоски. Човекот кој со своите секојдневни интеракции стана инспирациона личност и посебен пример, особено за младите луѓе со попреченост кои пак го мотивираа да стане активист во подигањето на јавната свест.

За Миле Стојкоски македонската јавност првпат слушна во 2004 година, кога ја најави својата намера да управува со ултрамаратон од 704 км во својата инвалидска количка од Прилеп до Летните олимписки игри во Атина, Грција. Со многу малку опрема и ресурси и неговиот тим од четворица, успешно го завршија маратонот за 20 дена на официјалното отворање на 13 август 2004 година.

Програмата на овој настан во Кичево беше богата, и во неа учество зеде и поетесата Анита Бошкова, овој пат освен како поетеса и интерпретаторка, со изведба на нејзината песна „Моја Дојрана“ (изведена на „Гоце фест“ во 2017, трета награда од публика).

Бошковска, во својата изјава за организаторот на фестивалот ќе каже: „Честитки за успешно организираниот и реализиран концерт и честитки за хуманоста, човекољубието и посветеноста на организаторот на фестивалот. Благодарност за поканата на еден ваков настан каде можев и јас да дадам свој мал придонес кон хуманоста, честитки и до сите учесници на фестивалот. Кога сме сите заедно сплотени полни со љубов и сочувство за остварување на една ваква хумана мисија, тогаш не постои нешто кое што не може да го постигнеме“.

Анита се осврна и на гостувањето на Стојкоски.

-А. господинот Миле Стојкоски со својата безграничната храброст, упорност и желба за живот, исполнет со љубов кон секое живо битие, со надминување на сите можни граници и пречки е човекот кој ја надмина несреќата, катастрофалниот шок и емотивната болка, го крена на нозе целиот свет и на сите им покажа дека кога се сака сѐ се може!

Инаку, оваа поетеса, инспирирана од безграничната храброст и упорност на Миле Стојкоски и неговиот пример,особено за младите луѓе со попреченост, ја направи инспиративната песна, со наслов „Кога се сака се се може“.