четврток, април 25, 2024
домаВо клубот "9" на Дарко Панчев се одржа уметничко матине во чест...

Во клубот “9” на Дарко Панчев се одржа уметничко матине во чест на “9-ка”

Изборот на датумот 9 февруари беше специјално направен, за денес, да се организира уметничко матине во клубот „9“ на славниот фудбалер Дарко Панчев, во Скопје. 
Со почеток во 9 минути до 12 часот, почна спонтаниот перформанс со наслов „9“ со учество на значајни личности, а под покровителство на лајонс клубот „Вардар“ и Атлантик комерц.
Домаќинот на настанот, прочуениот нобеловски кандидат, ликовен уметник и хуманист Живко Поповски- Цветин со цветни цртежи со бројот “9” и чаши со истиот цветен мотив, ги пречекуваше гостите, сите по ред со причина и повод избрани за овој настан.
Почеток го означи со ремизирана шаховска игра со меѓународниот шаховскиот шампион Димче Илиевски, кој оваа година ќе слави дури 9 свои значајни јубилеи.
Имено, целта на настанот за почетен мотив беше да се оддаде и уште едно признание на спортските успеси на фудбалскиот шампион Дарко Панчев и неговиот број на теренот “9”.
Потем, се зборуваше и за значењето на бројот девет, од аспект на традицијата и деветте мајстори од преданијата, за фаталното значење кај композиторите кои се осудувале (или не) да ја напишат својата деветта симфонија, за инспирацијата на Данте и неговите книжевно опишани кругови, за астролошкото значење, за женското значење на тие 9 месеци живот во утробата на мајката, и за многу други толкувања. А според онаа македонската народна “девет мајстори”, Цветин на девет присутни, мајстори во својата професија им подари чаша со насликан цветен број девет.
Истовремено, со пригодни говори се промовираше литературното дело “9” на истакнатиот писател и новинар Гоце Ристовски. За него говореа проф. д-р Мимоза Рајл, познатиот театролог од Македонско радио Тодор Кумановски, новинарката од МТВ, м-р Елизабета Кузмановска, а познатиот актер Благоја Чоревски- Чоре најави дека се подготвува за главна улога кога драмата “9”, од книга ќе се пресели на театарските штици.
Поп ѕвездата Драган Мијалковски ги раскажа своите догодовштини од дружбите со славните фудбалери, анегдоти со Мутибариќ но и патувања поврзани со фудбалски моменти со легендата Оливер Драгојевиќ.
Фудбалскиот фанатик и поранешно ТВ лице, а воедно и автор на стихови, Љубиша Николиќ, дрес со број “9” и топка симболично му подари на Цветин, за да му ги предаде на Панчев, а освен тоа присутните ги почести со убави тивки мелодии што ги отсвири на својата гитара.
Атмосферата стана уште позабавна со исказите на фолк ѕвездата и штимунг-мајстор Вики Среброва, неизбежно спомнувајќи го нејзиниот поранешен сопруг Јосиф Сребров, уште еден од гардата славни македонски фудбалери.
Говореа и другарот на Панчев, метерологот Љупчо Николовски, проф.д -р Миле Димитровски во својот лајон клуб “Вардар” раскажа дека имаат девет доктори на науки, телевизискиот творец м-р Мишо Нетков, хористката Тања Стоиловска од “Серенада”, фотографот Љупчо Илиевски и други.
Беа кажани и стихови од Кочо Рацин, нив ги рецитираше новинарот и текстописец од Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе. Ѓе. човек кого во Преспа го паметат по рекордни 18 дадени гола на еден натпревар, во времето кога бил млад и надежен фудбалер.
Неговата прва стихозбирка “Македонијо, гордост моја” со посвета беше подарок за Панчев, а цветни цртежи за поздрав за Панчев нацрта и Цветин.
На крај на двочасовното дружење, нашиот познат ликовен уметник придружуван од говорниците, но и од гостите, пуштија балони како пораки за мир и благосостојба, но и избавување од Ковид пандемијата.
Денешното матине беше и предвесник за неколкуте настани кои во режија на Цветин деновиве ќе се одржуваат во неколку градови во Македонија, по повод неговата традиционална манифестација, чија завршница ќе се случи во Скопје, во недела, на Свети Трифун денот на виното и Свети Валентин, за оние кои го слават и овој празник.
Ва.Ѓ. Парго.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ