Младиот режисер Гоце Трајковски, синоќа, 24 јануари 2018, во малата сала на МНТ го промовираше своето првенче-  17 минутен документарен филм за Перо Инспициентот.

Навидум, документарец за еден обичен театарски работник, но според изјавите во филмот се добива впечаток дека Перо бил и тоа како значаен лик во театарот.

Неговите реквизити, неговата асистенција, неговата помош и грижа, биле мошне значајни во создавањето на театарската магија, на од онаа невидливата страна, зад завесите, зад сцената. Затоа со многу емоции пред камерата на Перо се потсетија Игор Џамбазов, Сашко Коцев, Весна Петрушевска, Магдалена Ризова Черних, Нино Леви, Кирил Поп Христов- Кили, Сашо С. Ристовски, Никола Ристановски, Нелко Нелковски, Драган Спасов Дац и уште неколкумина театарски дејци кои го познавале тој специфичен и прекрасен човек.

Кили, кој неодамна по три и пол години се врати од Еквадор е застапен во документарецот, а на самата промоција имаше и воведен збор, со забележлив емотивен набој, во чест на неговиот некогашен соработник и пријател.

-Му ја сакав неговата душа, рече Кили, меѓудругото.

Последниот балкански каубоец, е и описот кој  со својот шешир го „заработил“ Перо инспициентот.  Тој, живеел свој живот, во свој свет, но неговиот имиџ на грижлив и одговорен пријател и професионалец, актерите сметаат дека нема да се повтори.

Режисерот Гоце Трајковски е студент по режија на Факултетот за драмски уметности, во класата на професорот Антонио Митриќевски.