Во очекување на слободата, Конечно слободен!

833

Пишува: Филип Спировски – заздравен, а можеби и излечен!

Ослободен од карантинот поради инфекцијата од мутираниот грип. Слободен да ја ширам молитвата: маска, растојание, хигиена, подалеку од настани. А дали сум излечен? Според алгоритмот – да. И според матичниот, да. Иако, не ми веруваше кога му се пожалив на симптомите. Ми ѕвони во главава прашањето од милион долари: до кога ќе останам „здрав“? Одговорот секој ден ечи од слушалката на телефонот: испиј ги витамините, испиј го сирупот за имунитет, испиј го аспиринот? И така наредниот месец или два. Ако го бараме одговорот низ објаснувањата од здравствените работници кои ни влегуваат во домот преку медиумите, здравјето само по себе не постои кога општеството е болно. За болестите на општеството одговорни се политичарите. Тие се неизлечивата корона која не заразува триесетина години. Никако да дојде здрава пратеничка структура која ќе носи здрави и полни со витамини закони кои ќе се одржат повеќе од периодот за карантин предизвикан од короната. Во здраво општество, со здрави закони, како со УВ ламба ќе се уништат корупцијата и непотизмот и ќе завладее состојба на етика и морал. Но, во општество во транзиција, (сега транзицијата е Европската перспектива) на кое крајот му се гледа во наредните 10 – 15 години во Европа, што ќе остане здраво за да продолжи да сее здравје? Политичари како овие актуелниве – не; здравствени работници – можеби; работници – професионалци – недоволно. Во Европа бранот на заразени од ковид се зголемува. Се воведуваат забрани за движење, вонредни состојби, рестрикции и забрани за собирање на луѓе. Школите се затворени, а сепак функционираат. Не знаат европјаните што се куќни слави, традиција, национално чувство, патриотизам.

И како впрочем да се истакнеме како луѓе ако ни ги забранат овие средства за социјализирање, за докажување? Капак и со затворање на кафаниве…

Па како да бистриме политика од дома? И после фејсбук бил крив, Пих…

Да бев вработен во јавната администрација ќарот од недоаѓање на работа или од работа од дома, ќе беше поголем и повеќеслоен: заштеда на државни ресурси (струја, вода, интернет…) , растеретен јавен превоз, бесконечно време за социјални мрежи и постирање фуд-селфија… Зијанот од апстинирање од кафаните и од пиењето едно кафе по два часа „во гужва“ е само на кафаните и на рестораните. Не е мал нивниот број. Но, не е економијата на државата потпрена само на нив!? Или можеби е.

Штом не може да ги затворат недисциплинираните кафанџии значи многу приход има (државата или некој) од нивното недисциплинирано работење. Останатите 80-90 % „поштени“ кафанџии во бунило се препелкаат секојдневно, за да спојат крај со крај. Веќе осум месеци!

Хм, личи на состојба, а не на криза. Состојбата со криза во државава не е криза предизвикана од пандемија!

За славното име знаеме (претпоставуваме) зошто боде очи по Европа, а посебно по соседството. Ама за јазикот? Што е многу многу е. Токму тука црквата и Илјадагодишниот Бигорски нека се задлабочат во тефтерите и нека поттурнат под носот на источните соседи, за да разберат другите европски партнери повеќе за јазикот кој го имаме. Така ќе ја надминеме бугарската предност од 13 г. во европското јато.

А Бугарите башка луто долеваат на раната: сакале да станеме сите Бугари. Не, не, да признаеме дека сме Бугари кои биле спречени од Југославија да се изјаснат 75 години што се. Па го ламушкаат Гоце де Бугарин, де Македонец. Не знаел Гоце за Европската перспектива на Македонија иако фаќал дури до влашката женска убавина. И полето за културен натпревар меѓу народите денес е стеснето во леа. И тој “хубав мелодичен блгарски език”… бил мајка на македонскиот, ц ,ц, ц. Црквата Блгарска била мајка на македонската црква. (Ние си баравме). И пасошите што ги вадеа за да ги приграбат европските вредности за многумина од нас сега се доказ дека се омрсија по европски, ама кнедла в грло стои кога чепкаат по Гоце. Да се докажеш низ работата, да бидеш професионалец и да бидеш исполнителен за време на работните обврски, да прифатиш одговорност и да имаш став за работата да кореспондира со визијата и мисијата на компанијата. Па биди ти и ВМРО и СДСМ и ДОМ и ДУИ и кој сакаш, ама дома и после работа. Ама, кој знае (кој сака) така да работи?

И така планирањето ни фаќа некаде до Нова година, а после со поголема надеж за наоѓање на вакцина против овој мутиран грип до напролет кога ќе се стопли времето и бројките на новозаразени ќе се намалат. Кој ќе преживее, ќе раскажува! Излечените ќе бидат апостоли, а другите… ќе се излечат!