OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот каде ќе настапи познатиот ZZ Quartet.

Музичкиот идентитет на овој квартет рефлектира и апсорбира различни музички стилови, но една од неговите најзначајни карактеристики е индивидуализмот и неверојатната умешност на неговите членови кој може да креира интимна или исклучително интензивна музичка атмосфера. Иако имаат различни музички подготовки кои вклучуваат џез, модерна класика и ворлд мјузик, тие соработуваат заедно на оригинални композиции но, понекогаш создаваат и неверојатни еднократни импровизации. Нивната музика ги брише границите помеѓу нотираната музика и импровизацијата, а на тој начин се создаваат звучни слики кои иако имаат некаква основа, ги поместуваат границите на модерната импровизирана музика.

Во овој состав членуваат гитаристот Ратко Зјача, Вид Јамник на удиралки, Мартин Ѓаконовски- акустичен бас како и Јоже Здравец на тапани. Ратко Зјача е наградуван гитарист и композитор кој зад своето име има бројни албуми снимени со некои од најзначајните артисти од светот на џезот и модерната импровизација. Сметан за иновативен музичар, Зјача, исто така е ценет за неговата исклучителна гитарска техника. Неговиот личен музички стил го прави неверојатен импровизатор, а тоа му носи бројни соработки во живо, а и на снимки со некои од најзначајните џез музичари на денешницата. Во 2019 година ја добива Наградата за достигнување, авторство и уметничка креација во областа на џез музиката која ја доделува Здружението на хрватски композитори.

Вид Јамник е роден во Словен Градец, Словенија во 1993 и дипломира на отсекот за џез студии од Универзитетот во Клагенфурт. Во 2011/12 учествува на пет месечна размена во „Еразмус“ програмата студирајќи на Институтот за џез во Берлин со Дејвид Фридман, а во 2015 го издава првиот албум за Алеса рекордс. Во 2018 дипломира џез композиција и џез интерпретација со највисоки оценки на бостонски „Беркли“. Во последните години неколку пати оди на турнеја во Тајван со „Мизформ проект“ со кој свират специфичен спој на традиционална тајванска музикс и џез, а исто така креира специфичен проект наречен „Вива џез форма“ кој е фузија на звуци добиени од перкусии на метални скулптури со џез, техно и електронска музика. Дел е од повеќе бендови и групи како: Ратко Зјача дуо и квартет, You’ve got that swing со Еди Луис и Џез пасинџерс, Џез континуо и др. Вид Јамник е ексклузивен артист на Балтер Малетс.

Роден во музичко семејство во Скопје, Мартин Ѓаконовски е задоен со џез музиката од неговиот татко, Драган Ѓаконовски-Шпато кој е основач и раководител на Биг Бендот на Македонското радио, а и од неговата мајка која била џез- вокалистка. Започнал да учи класичен контрабас на 14-годишна возраст, но набргу на површина излегува неговата фасцинација од џезот и тој го формира својот прв бенд „Трио Шпато“. Во 1991 година се сели во Келн, Германија каде студира џез контрабас на тамошната академија, и набргу станува екстремно баран од страна на германските и светски џез музичари. Кариерата го носи низ целиот свет со значајни соработки со бројни артисти, а има снимено преку 150 албуми.

Јоже Здравец студира џез на Државниот конзерваториум во Клагенфурт, Австрија и има завидна кариера како инструменталист кој настапува на бројни интернационални фестивали со сите значајни словенечки музичари и бендови. Настапува во Швајцарија, Австрија, Хрваткса, Србија, Германија, а учествува на работилници предводени од Грегори Хатчинсон, Вили Џонс, Били Харт, Џими Коб, Гери Барц, Боб Минцер, Армен Донелиан и Дон Менза. Од 2017 година предава тапани и ритам на одделот за џез музика на Конзерваториумот за музика и балет во Марибор.