Повеќе од 40 милиони дози вакцина против ковид-19 се искористени ширум светот во трката за имунитет на коронавирусот во која денес води Израел, објави во понеделникот „Франс Прес“.

До денес, најмалку 60 земји и територии населени со 61 процент од светската популација започнаа кампањи за вакцинација. Но, во 11 земји се сконцентрирани 90 проценти од употребените дози.

До понеделник, до средината на денот, потрошени се најмалку 40.062.825 дози, според податоци на официјалните извори кои ги собра „Франс Прес“. Тој број секако е значително поголем бидејќи големите земји како Кина, САД и Русија не ги ажурираа своите податоци последните денови, посочуваат од агенцијата.

Израел убедливо отиде најдалеку со вакцинирањето, со 2,43 милиони дози и 2,12 милиони луѓе или вакцинирани 24,5 проценти од населението. Околу 3,6 проценти од Израелците веќе ги добиле двете дози потребни за оптимална заштита.

По апсолутен број, САД водат, со 12,28 милиони дози за 10,60 милиони луѓе (3,2 проценти од населението) пред Кина, каде се искористени повеќе од 10 милиони дози.

Во Европа, Велика Британија води со вакцинацијата од почетокот на декември и таму беа искористени 4,31 милиони дози, а 3,85 милиони луѓе (5,7 проценти) беа вакцинирани.

Велика Британија денес објави дека ја проширува својата кампања за вакцинирање на лица над 70 години, додека досега возраста на луѓето со која би припаѓале на приоритетната група беше 80 години.

Владата постави цел до средината на февруари да се вакцинираат 15 милиони луѓе по приоритет: оние над 70 години, корисници на домови за стари лица и негуватели, како и медицински персонал во првите редови на борбата против ковид-19.

Велика Британија е следена од две земји на Европската унија, Италија и Германија. Земјите од Унијата искористија повеќе од 5 милиони дози за околу 1,2 проценти од населението во ЕУ каде што Данска доминира со 2,9 проценти.

Во Франција се вакцинирани 0,6 проценти од населението.

Бразил објави дека кампањата за вакцинација во земјата започнува во понеделник.

Бразилскиот регулатор итно одобри во недела две вакцини против ковид-19, британската „Астра Зенека“ и кинеската „Корона Вак“ и ова се првите две вакцини што добија зелено светло во Бразил каде пандемијата веќе однесе близу 210.000 животи.

Русија планира да вакцинира повеќе од 20 милиони луѓе во првото тромесечие од оваа година, беше објавено во понеделникот.

Вакцините „ФајзерБиоНТек“ (американско-германска) и „Модерна“ (американска) доминираат во Северна Америка, Европа, Израел и земјите од Заливот.

Британската вакцина „Астра Зенека – Оксфорд“ е доминантна во Велика Британија и Индија, која користи и локална вакцина развиена од „Бхарат Биотек“.

Вакцината „Спутник 5“ од руската лабораторија „Гамалеја“ се користи во Русија, Аргентина, Белорусија и Србија.

Покрај во Кина, кинеските вакцини се користат во Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Сејшелите и Јордан, а лабораториската вакцина „Синовак“ во Индонезија, Бразил и Турција. А.Н.