Според податоците од веб-страницата „Worldmeter“, вкупно 400 илјади луѓе низ целиот свет починале како резултат на ковид-19. Светската здравствена организација (СЗО) синоќа објави дека во изминатите 24 часа се потврдени 120 илјади нови случаи на ковид-19, а вкупниот број заразени лица во светот денес е нешто повеќе од 6,5 милиони, пренесе ТАСС.

Најголем број заразени со коронавирус се регистрирани во земјите од Северна и Јужна Америка, вкупно 3,1 милиони, во изминатите 24 часа бројот на заразени во тој дел на светот се зголеми за 61.693, а за едно деноноќие починаа 3.723 лица, досега вкупно 172.226.

Бројот на случаи на зараза во Европа е потврден кај 2 милиони и 231 илјади луѓе, бројот на заразени лица со фатален исход е 182.165, но епидемијата на „стариот континент“ се чини дека полека се смирува.

Рекордер по бројот на заразени со коронавирусот е САД – вкупно еден милион и 838 илјади луѓе се разболеле од ковид-19.

Бројот на починати во Бразил надмина 35.000

Бројот на смртни случаи од коронавирус во Бразил е зголемен во последните 24 часа за 1.005, на 35.026, соопшти Министерството за здравство на таа земја. Во тој период пријавени се 30.830 нови случаи, со кои се зголеми вкупниот број заразени на 645.771, пренесува ТАСС.

Бразил е втора земја во светот по бројот на заразени, по САД и четврта по бројот на починати, по САД, Велика Британија и Италија.

Индија ја престигна Италија, сега шеста по број на заразени

Индија ја престигна Италија по бројот на заразени со корона вирусот по уште еден рекорден дневен скок во бројот на нови случаи и сега е шестата најзагрозена земја во светот.

Во последните 24 часа во таа земја се регистрирани 9.887 нови случаи, со што се зголеми вкупниот број потврдени случаи на 236.657, соопшти Министерството за здравство.

Во Индија, според податоците од веб-страницата „Worldmeters“, починаа скоро 7.000 луѓе.

Најголем дел од новите случаи се пријавени во руралните области, по враќањето на стотици илјади мигранти-работници кои ги напуштија градовите по воведувањето на мерки за затворање, пренесува АП.

Во моментов некои мерки се опуштаат, додека тие сè уште се во сила во најризичните области. Од понеделник, трговските центри и верските објекти треба да бидат отворени, со забрана на големи собири.

Во Кина, три нови случаи, сите увезени

Кина денес објави три нови случаи на корона вирусот, а сите нови случаи се од странство, објави Националната комисија за здравство. Пријавени се два нови асимптоматски случаи, кои не се вклучени во официјалната статистика, пренесува Ројтерс.

Вкупниот број на заразени во Кина е 83.030, а од почетокот на епидемијата починале 4.634 лица.

Ново зголемување на бројот на заразени во Јужна Кореја

Властите на Јужна Кореја објавија дека се потврдени 51 нови случаи на ковид-19, нагласија дека ова е најголем пораст на ново заразените во последните осум дена, и предупредија за нов бран на вирусот кој се шири во густо населениот главен град Сеул, јави агенцијата Јонхап.

Вкупниот број потврдени случаи досега се искачи на 11.719, а надлежните здравствени установи предупредуваат дека најголем број новозаразени лица се поврзани со верски собири, ноќни клубови и престој во трговските центри во Сеул.

Вкупниот број на смртни случаи од коронавирус во Јужна Кореја веќе подолго време е 273, а бројот на излечени се искачи на дури 10.531. А.Н.