четврток, април 25, 2024
домаНасловнаВо Словенија сите продавници отворени од утре, а ќе започне и туризмот

Во Словенија сите продавници отворени од утре, а ќе започне и туризмот

Во последните 24 часа, во Словенија е откриен само еден нов случај на инфекција со ковид-19, а словенечката влада, како резултат на поволната епидемиолошка состојба, од утре ќе продолжи да ги олеснува мерките, така што сите продавници ќе започнат со работа, а делумно ќе започне и туризмот. Досега, по скоро 70 илјади тестови, откриени се 1.466 случаи на инфекција, а со новиот смртен случај во последните 24 часа, вкупниот број на смртни случаи е 104, објавено е денес, пренесува Хина. Во моментов, во болниците има 26 пациенти со ковид-19, од кои пет се на интензивна нега, досега вкупно 273 пациенти се отпуштени од болниците по закрепнувањето.

Поради големиот пад на нови инфекции, владата на Јанез Јанша во петокот технички ја „укина“ епидемијата прогласена пред повеќе од два месеци, но епидемијата останува во медицинска смисла.

Мерките за заштита исто така остануваат во сила со цел да се спречат нови инфекции, одржување на физичко растојание, забрана за големи јавни собири, одржување на хигиена на рацете и задолжително носење маски на затворени јавни места, пренесува Бета.

Како дел од натамошно олеснување на мерките, образовниот процес „во живо“ утре повторно ќе започне во Словенија, во помали групи за некои одделенија од основните и средните училишта, ќе се отворат сите продавници, а ќе се создадат услови за отворање на туризмот, за што државата подготвува мерки за стимулирање.

За прв пат од 16 март, трговските центри ќе се отворат утре, додека трговците предупредуваат дека за два месеци ограничувања, доживеале загуби што ќе биде тешко да се компензираат.

Според словенечката трговска комора, трговијата ќе има 7 милијарди евра помалку обрт отколку што се очекуваше на крајот на годината, што претставува пад од околу 20 проценти, и тие стравуваат дека за падот ќе придонесе одлуката на владата да ги задржи продавниците затворени во недела по официјалниот крај на епидемијата.

Од утре е дозволено да се отворат помали туристички капацитети со помалку од 30 легла, но загубите во туризмот како резултат на корона кризата ќе бидат поголеми отколку во трговијата, затоа што се очекува пад од 70% во однос на претходните проценки и очекувања.

Меѓу епидемиолошките мерки за работа во туризмот е и адаптираниот прием на гости на кои мора да им се понудат заштитни маски, средства за дезинфекција, а во иста просторија можат да бидат сместени само гости кои припаѓаат на истото домаќинство.

Најинтересните пазари за Словенија, Италија, Австрија и Германија, од каде најчесто доаѓаат гости, остануваат затворени поради ограничувањата на границите.

Иако Австрија ги релаксираше мерките на границите со Германија, Словачка и Чешка на почетокот на месецот, сè уште не е така на границата со Словенија.

Премиерот Јанез Јанша најави дека ќе се обиде да постигне билатерален договор со Австрија за олеснување на мерките за контрола на границата, како што е постигнато деновиве со Хрватска.

За да му помогне на секторот за туризам, владата на Јанша објави дека ќе воведе туристички „ваучери“ во вредност од 200 евра по човек, како дел од новиот правен пакет за помош на економијата и граѓаните.

Ваквите ваучери ќе им бидат дадени на сите вработени, а може да се користат само во Словенија. Ова е само една од мерките на новата финансиска помош во правниот пакет вредна една милијарда евра, за која парламентот треба да одлучи за многу скоро, бидејќи валидноста на сегашните два пакети за помош завршува на крајот на мај. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ