Во последните 24 часа, во Словенија беа потврдени 1924 нови инфекции со коронавирус, а 41 лице со Ковид-19 починаа, најмногу досега, објави во четвртокот словенечката влада.

Има нешто помалку новоинфицирани од претходниот ден, кога имаше над 2.200, но процентот на позитивни тестови е поголем – 28,45 проценти.

Вкупниот број на потврдени инфекции од почетокот на епидемијата се искачи на 50.864, од кои 20.151 се активни, а 14-дневната инциденца е малку намалена, на 961 заразен во последните 14 дена на сто илјади жители, но бројот на пациенти во болниците и единиците за интензивна нега и понатаму се зголемува.

Во моментов, хоспитализирани се 1210 пациенти, 31 повеќе од претходниот ден, а има 197 од нив во одделите за интензивна нега.

Во последните 24 часа почина 41 пациент, најмногу досега, така што бројот на смртни случаи се зголеми на 686 од почетокот на епидемијата, покажуваат податоците објавени од Министерството за здравство во четвртокот.

Словенечката влада денеска ќе донесе одлука за продолжување на постојните епидемиолошки мерки, а се разгледува воведување и на нови, бидејќи постојат различни мислења дали е достигнат врв на епидемијата и дали бројот на пациенти во болниците наскоро ќе се намали до тој степен што ќе се релаксира болничкиот здравствен систем. А.Р.