Денес, ненадејно во вечноста отпатува познатиот Борче Стојановски Џеронимо, исклучителен и неуморен скопски хуманист и хуман деец, и волонтер на добротворни акции.

Во негова чест, и на неговото дело, повторно го објавуваме интервјуто што е објавено во Монографијата по повод 30 години Првата детска амбасада “Меѓаши”, како и негова изјава за Тоше за весникот “Шило”- Сиднеј.

Ќе остане запаметен како непосреден, срдечен, вечно насмеан, тивок а голем Човек, а неговите дела ќе сведочат за неговата човечка големина и урбана димензија.

*******

Борче Стојановски Џеронимо, волонтер- Не се истакнуваат, ама тука се цело време ако затреба нешто!

Соработката со МЕЃАШИ почна во првите години од нивното постоење. Видов на телевизија дека имаат ликовен караван на Скопскиот Плоштад и сам отидов да се запознам и да ги прашам дали може да ми направат изложба, јас имам интересно хоби со кибритчиња (за 37 години сега имам собрано 3.000). Горде љубезно ме пречека, и кажав јас за мојата идеја за изложба, таа рече тие сега засега такви услови немаат, а патем ја прашав дали може да волонтирам, рече “ако сакаш уште денеска можеш да почнеш” . Вели “еве го дојден е глумецот Џумерко од Прилеп, ќе одат во еден магацин ќе треба да земат алишта и со него можеш да појдеш како претставник од Детска Амбасада” . Велам “Ајде, ќе одам со Џумерко”, со возачот и уште двајца тројца отидовме во магацинот. Тогаш беше актуелен со улогата на Итар Пејо од “Солунски патрдии”, и додека чекавме да се среди документација тој ни кажуваше смешки. Интересен прв волонтерски ден. Потоа се редеа настани, дојдоа бегалците од БиХ одевме со нив во Чичино село. Кога беа пак бегалците од Косово цело лето од мај до септември група луѓе одевме во скопското село Радуша, си игравме со децата, ги забавуваме, иако не разбиравме албански. Потоа кога се смири ситуацијата со бегалците, со МЕЃАШИ учествував на разни настани, неколку пати сум бил со касичките по маркетите, водев и детска работилница за пишување на писмо до непознато другарче, ги подучував децата, па им стигнуваа писма во амбасадата, некои и дојдоа од Куманово и се запознаа. Во детските работилници се правеа разни рачно направени украсни предмети, а и новогодишни честитки и нив ги продававме волонтерите околу новогодишните празници на разни базари или во некои големи маркети.

Еднаш на Средно Водно се организираше трка со ролери меѓу децата. Пиевме топол планински чај. Имаше еколошко предавање, а јас од мојот расадник донесов дваесетина мали дрвца и ги посадивме. Дојдоа и многу родители со децата а некои од нив беа познати личности, пејачи, спортисти… И сега се прашувам дали од тоа што го виделе тогаш и некој го предложил некаде тоа навистина не знам но по година и половина првпат се одржа “Ден на дрвото”, манифестација на масовно садење на дрвја.. Се случуваа и семинари низ Македонија, а и во Романија една година, за младинци. Со уште неколкумина бевме таму 15 дена, прво на планина во близина на местото на замокот на Дракула, каде секоја вечер имаше различна презентација за нивната традиција, а потоа седум дена шетавме во нивниот главен град Букурешт. Тоа е бенефитот се запознаваш со луѓе создаваш нови контакти.

И секогаш детската амбасада ги наградувала заслужните волонтери, па така јас добив лото со тоа што додека се организираше некој настан на плоштадот во Скопје- Тетово Велес- Куманово сето тоа се снимаше со хеликоптер и од него се фрлаа летоци за тој настан. Ми дадоа шанса да летам во хеликоптер и сите овие градови ги гледав одозгора и беше незаборавно искуство, три часа да се лета над Македонија.

Едно лето имавме и театар, децата глумеа. Имаше и спортска и ликовна и драмска работилница, а подготвивме и претстава со деца со попреченост, од 4-5 школи. Се собиравме во “Партение Зоографски” попладне од кај 16-17 часот. Потоа една недела сите заедно бевме на Пониква на одмор, на крај имаа и генерална проба, на која им дојдоа и родителите. Театарската претстава беше прикажана во триесеттина градови низ Македонија.

Ме одушевува работата на -МЕЃАШИ. Убава е. Нешто посебно, уникатно, тивко мирно, да не се истакнуваат, ама тука се цело време ако затреба нешто. Е сега како се снаоѓаат, тие си знаат, мора да се обезбедат пари за Амбасадата да функционира. Јас се уште сум волонтер таму. Еден не може да направи нешто, но кога се здружуваат двајца, тројца, повеќемина, може да се поттикне нешто убаво. На 25 годишнината на свеченоста во Драмски театар добив статуетка меѓу заслужните, аплаудираше цела сала. Исто и од МКЦ од Битола добив благодарница за волонтеаризам.

“Волонтерството во Меѓаши е задоволство”. Сакам да работам со деца и во нивни интерес нив да им биде добро, да се чувствуваат убаво, да имаа спокојно детство. Сега смислив и една лесна игра за деца, а тие ќе бидат добредојдени во музејот на кибритот, еден ден кога ќе го отворам.

Валентина Ѓоргиевска Парго