Досега вкупно 17 општини и градови во Србија прогласија вонредна состојба поради ширење на коронавирусот. Вонредна состојба е прогласена во Ужице, Прибој, Лучани, Владичин Хан и Богатиќ, но и во Ариље, Ивањица, Пожега, Белград, Чачак, Краљево, Крагуевац, Врање, Шабац, Тутин, Нови Пазар и Брус.

Вкупно 16.420 потврдени КОВИД 19 случаи се регистрирани во Србија до 15 часот на 6 јули 2020 година. Од последниот извештај, тестирани се примероци од 7.872 лица, од кои 289 се позитивни, а 6 лица починале.

Тестирани се вкупно 447.317 лица кои ги исполнија критериумите за дефинирање на случај. Во моментов има 93 пациенти на респиратори, додека бројот на активни случаи на корона е 2.737.

Во Белград вчера во 7 часот наутро започна примена на казни за граѓаните кои не носат заштитни маски во затворен простор во износ од 5.000 динари, а градоначалникот на Белград Зоран Радојичиќ посочи дека белграѓаните се одговорни и дека досега имало само неколку индивидуални случаи што ја прекршиле оваа мерка, додека за викендот се казнети четири клубови кои работеле после 11 часот.

Заменик-градоначалникот на Белград Горан Весиќ изјави дека се прави сè за Белград да не биде ставен во карантин поради големиот број на луѓе заразени со корона вирусот, но тој исто така изјави дека ќе мора да се применат драстични мерки доколку ситуацијата се влоши.

„Не би шпекулирал дали Белград ќе оди во карантин или не. Ние правиме се за да спречиме Белград да оди во карантин, правиме се за да може Белград навистина да се извлече од оваа ситуација со заразените лица со тоа што ќе се намали бројот“, рече Весиќ. А.Р.