Албанската полиција се судри во Тирана со приврзаниците на опозицијата кои протестираа против уривањето на Народниот театар.

Група уметници и некои опозициски лидери утрово беа истуркани од полицијата од местото пред зградата, пред да започне нејзиното рушење.

Еден опозициски политичар изјави дека 30 лица биле уапсени, меѓу кои и новинар.

На телевизиските снимки можело да се види како полицијата ја внесува во комбе лидерката на мала опозициска партија, Моника Криемади, сопруга на албанскиот претседател Илир Мета.

На одлуката на владата за рушење на зградата на Народниот театар, која ја изградија Италијанците кога ја окупираа Албанија во Втората светска војна, се спротивставија уметници, опозициски политичари и други граѓани, потенцирајќи дека таа треба да се реновира.

Лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, ги повика граѓаните да ја соборат владата заради уривање на зградата на Народниот театар.

Повеќе од две години актери, активисти и опозицијата се спротивставуваат на плановите на владата на Еди Рама за изградба на нов театар, велејќи дека постојната зграда е дел од државното наследство и обвинуваат за корупција.

„Ова повеќе не е за уништување на театарот, туку уништување на демократијата и слободата. Живееме во диктатура“, рече неименуван член на Здружението за заштита на театарот.

Судбината на оваа зграда, која е изградена во 1939 година и стана Национален театар во 1945 година, го подели општеството. Многумина се лути што Рама реши да ја сруши оваа зграда за време на епидемијата на корона вирусот.

ЕУ изрази загриженост и повика на смирување на ситуацијата во Албанија.

„Од раните утрински часови го следиме развојот на ситуацијата на терен со длабока загриженост. Ги повикуваме сите страни да се воздржат и да избегнат ескалирање на ситуацијата“, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Албанија. А.Р.