четврток, април 25, 2024
домаСпортВо Токио започнуваат најнеобични Олимписки игри досега

Во Токио започнуваат најнеобични Олимписки игри досега

Олимписките игри ќе бидат официјално отворени во Токио денес, по едногодишно доцнење поради пандемијата на коронавирус, и ќе траат до 8 август.

Овие Олимписки игри нема да бидат како ниедни од претходните, затоа што на љубителите на спортот од странство ќе им биде забрането да присуствуваат на трибините, а само на некои места ќе биде дозволена публика, бидејќи одредени области во Јапонија, вклучително и Токио, се во состојба за итни случаи поради зголемување на бројот на  заболени со ковид-19.

Само 950 луѓе ќе бидат присутни на свеченото отворање во 13 часот, вклучувајќи ВИП лица, претседатели и премиери на земји, како и одделни политичари.

Македонската делегација на свеченото отварање на ЛОИ во Токио ќе има двајца знаменосци, Дејан Георгиевски и Арбреша Реџепи која сепак по петте негативни тестови доби дозвола да биде дел од церемонијата. Македонија во Токио ќе ја претставуваат двајца пливачи, Миа Блажевска-Еминова и Филип Деркоски и по еден таеквондист (Дејан  Георгиевски), атлетичар (Јован Стојоски), џудист (Арбреша Реџепи), каратист (Пулексенија  Јованоска), стрелач (Борјан Бранковски) и борач (Могомадгаџи  Нуров).

Првиот Македонец кој ќе има настап на игрите во Токио е Борјан Бранковски, кој утре во 6 часот по македонско време ќе учествува во квалификациите во стрелаштво на 10 метри воздушен пиштол.

Оваа година на ОИ треба да се натпреваруваат 11.091 спортист од 206 земји од целиот свет, објави Меѓународниот олимписки комитет.

Претседателот на Организациониот комитет на Олимписките игри, Тоширо Муто, изјави дека бројот на заразени со коронавирус ќе се следи на дневна основа, а денес Јапонија објави дека вкупниот број на заразени лица поврзани со Игрите, без разлика дали се спортисти, службеници и разни вработени, се искачил на 106.

Организаторите на Олимписките игри во Токио денес објавија дека уште тројца учесници на Игрите биле заразени со коронавирус, меѓу кои и еден што престојува во олимпиското село.

Сто американски спортисти не се вакцинирани

Шефот на медицина на Американскиот олимписки и параолимписки комитет, Џонатан Финоф, изјави дека околу 100 од 613 американски спортисти не биле вакцинирани против Ковид-19.

Финоф рече дека 567 американски спортисти пополниле здравствени обрасци, врз основа на кои било утврдено дека 83% од спортистите биле вакцинирани, пишува АП.

„Осумдесет и три е всушност значителна бројка и ние сме прилично задоволни од тоа“, рече Финоф.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) процени дека околу 85% од жителите на Олимпиското село биле вакцинирани.

Досега е познато дека двајца американски атлетичари, Тејлор Краб, одбојкарка и Кара Екер, гимнастичарка, биле позитивни на коронавирус.

МОК пријави 13 позитивни резултати кај сите спортисти во Јапонија. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ