Фото: скриншот ТВ Нова

Во серијата земјотреси во Турција и Сирија загинаа повеќе од 5.000 луѓе, според новиот официјален биланс на загинати, додека спасувачките тимови и денеска се обидуваат да извлечат преживеани од урнатините. Најмалку 3.419 луѓе загинаа во југоисточна Турција и 1.602 во северна Сирија, со што вкупниот број на загинати се искачи на најмалку 5.021, според официјални и медицински извори, пренесува БЕТА. Неколку илјади беа повредени и останаа без покрив над главата.

Турција во понеделникот беше погодена од два силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени. Првиот земјотрес се случи во 4:17 часот по локално време, во областа Пазарчик, провинцијата Кахраманмарас (југоисточно), на околу 60 километри додека врана лета од границата со Сирија. Следеа неколку десетици последователни потреси, пред вториот силен земјотрес во 10:24 часот по средноевропско време.

Обединетите нации соопштија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Турција е најсилниот во земјата во повеќе од 80 години.

„Ова е најсилниот земјотрес регистриран во Турција од 1939 година“, се вели во извештајот објавен вчера од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA), пренесе Би-би-си.

Во извештајот се наведува дека тимовите за одговор при итни случаи од Обединетите нации за проценка и координација при катастрофи (UNDAC), Меѓународната советодавна група за пребарување и спасување (ИНСАРАГ) и итни медицински тимови на Светската здравствена организација (ЕМТ) се мобилизирани во Турција за да помогнат во хуманитарниот одговор.

„ОН и партнерите внимателно ја следат ситуацијата на теренот и работат на мобилизирање ресурси за итни случаи во регионот“, се наведува во извештајот.

Ова се најголемите земјотреси во Турција од 17 август 1999 година, кога загинаа 17.000 луѓе, од кои 1.000 во Истанбул.