Менструалната сиромаштија станува се поприсутна тема во регионот. Откако Новинари за човекови права го направи првото истражување на оваа тема во Македонија, во 2017 г., па го повтори истото во 2020 г., оваа тема станува актуелна и во останатите држави во регионот. Освен во Македонија, менструалната сиромаштија како појава започна да се третира од минатата година, а со прво такво истражување неодамна излезе и Хрватска.
Резултатите не се многу различни од кај нас…Само колку за илустрација eдна третина од жените во Хрватска се принудени да штедат на влошки затоа што се прескапи. Некои од нив купуваат понизок квалитет на менструален материјал поради превисоките цени, додека повеќе од 10 проценти од хрватските граѓани не се во можност да купат доволно влошки за редовно да ги менуваат. Еднаков процент од нив воопшто не можат да си дозволат влошки.
Кај нас, пак, 81% од испитаничките велат дека користат хигиенски влошки, 5% користат тампони, а 15% изјавиле дека не употребуваат никакви хигиенски средства во текот на месечниот циклус (тие управуваат само со текстил  или тоалетна хартија / весници).
Спред резултатите од истражувањето направено од страна на хрватската ГО ПаРитер повеќе од една третина од испитаниците (36,4 проценти) изјавиле дека се случува да мора да купуваат понизок квалитет на менструален материјал заради нивната цена. 
 
Повеќе од 10 проценти од испитаниците изјавиле дека се случува да немаат доволно финансии за да можат да ги менуваат кога сакаат (11,9 проценти), како и дека не можат да си дозволат производи за управување со менструалната хигиена (11,9 проценти), додека кај нас 76,7 од испитаничките не можат да си дозволат континуиран пристап до менструални производи поради високата цена.
 
10 проценти од нив биле во ситуација да не можат да си дозволат лекови за да ја намалат болката за време на менструацијата, а 8,8 проценти изјавиле дека се наоѓале во ситуација да не ја менуваат влошката/ тампонот подолго од 6-8 часа бидејќи не можат да купат доволна количина на влошки.
 
Покрај достапноста на менструалниот материјал и лекови против болки, студијата испитуваше хигиена на менструацијата, услови дома, на работа, во средни училишта и колеџи кои (не) дозволуваат хигиена на менструацијата и стигмата и срамот поврзани со менструацијата.
Н.Доковска