Со почетокот на втората третина од бременоста трудницата полека навлегува во најубавиот и најпријатниот период. Ризикот од спонтан абортус веќе е помал од 2%, што заедно со исчезнувањето на  утринските мачнини и повраќања и овозможува на жената да почне да ужива во бременоста.

Ултразвучниот преглед во овој период најчесто претставува изненадување за родителите – наместо недефинираната дамка која се гледала на почетокот, сега може да се види комплетно формирано бебе. Околу 14-тата недела од бременоста бебето има должина од околу 8 цм и тежи околу 25 грама. Конечно веќе главата не е предимензионирана во однос на телото и може да се види вратот. Тоа што не се гледа е дека започнуваат да се рзавиваат зглобовите и мускулите, што ги овозможува нормалните движења. Во текот на денот бебето се придвижува и скока стотици пати, но мајката се уште не може да ги почувствува движењата. Карактеристично за овој период е тоа што по телото на бебето започнуваат да растат тенки, т.н. “лануго“ влакненца кои исчезнуваат неколку недели пред породувањето. Почнуваат да се создаваат косата, веѓите и ноктите. Очните капаци веќе постојат но цврсто се затворени се до седмиот месец од бременоста.

Ова е периодот во кој кај бебето почнуваат да се лачат хормони кои го забрзуваат развојот на половите органи.

Околу 16-тата недела е време да се провери грлото на матката (цервиксот). Со помош на ултразвук (најчесто со употреба на вагинална сонда), Вашиот гинеколог може да ја измери неговата должина и да види дали т.н. цервикален канал е затворен. Прегледот не може да и наштети на бременоста, а може да биде многу корисен поради навременото откривање на евентуалното отворање и скратување на цервиксот. Во таков случај  може да биде потребно да се направи т.н. “серклаж“ – хируршко подврзување кое треба да овозможи механичко затворање  на каналот и донесување на бременоста до крајот. Во ова време од бременоста бебето веќе започнува да чувствува надворешни дразби, голта и ика. Во периодите на активност тоа мокри, но и голта од плодовата вода. Ако е женско, во текот на оваа недела во нејзините јајчници се создаваат милиони незрели јајце-клетки кои ќе останат таму до крајот на животот.

Во ова време од бременоста мајката може да почне да чувствува повремени болки во долниот дел на стомакот или во пределот на јајчниците. Тоа е нормално чувство и се јавува поради растегнувањето на мускулите и лигаментите кое настанува како резултат на зголемувањето на матката. Кожата на градите се растегнува  и, особено околу брадавиците, може да се видат вените  Нормалното покачување на тежината би требало да изнесува од 2 до 5 кг. Во периодот од 18-тата до 20-тата недела повеќето жени започнуваат да чувствуваат некакви “движења“ на бебето. Некои од нив ги опишуваат како “гребење“, а некои како “треперење на пеперутка“. Ако се работи за прва бременост движењата на бебето започнуваат да се чувствуваат малку подоцна.

Телото на жената веќе ги покажува знаците на бременоста. Најчесто старите фармерки се заменуваат со трудничка облека која е поудобна. Кај некои жени во овој период се зголемува сексуалниот нагон, особено ако веќе нема гадење и поспаност. Многу фактори влијаат на либидото (заморот, загриженоста во врска со бременоста, стресовите на работа…). Многу е важно партнерот да се обиде да ја следи трудницата и нејзините потреби. Паровите многу често се прашуваат дали сексуалните односи можат да и наштетат на бременоста. Одговорот е – не на нормалната бременост, но најдобро е прво да се консултира гинекологот. На градите се забележува проширување на темниот круг околу брадавицата, појава која е нормална и која може да потрае и до една година по породувањето. Понекогаш може да се забележи и лачење на жолтеникав исцедок од градите – колострум.

Наближува веројатно најважниот ултразвучен преглед во бременоста на кој гинекологот подетално ќе ги разгледа органите на бебето. Добро е на тој преглед на се појде во придружба на партнерот или на некоја друга блиска личност. Освен што е убаво да се сподели среќата поради сознанието дека со бебето се е во ред, важно е трудницата да не биде сама во случај лекарот да постави сомневање за некој проблем кај бебето. Во овој период веќе сите органи се формирани и преостанува да се следи нивниот раст. Се развиваат сетилата. Бебето започнува да се придржува кон некаков ритам на спиење кој, според некои истражувања, е под влијание на навиките на мајката и на светлосните и звучните дразби од околината.

К.С.Н.