По синоќешното волшебно отворање на 22. издание на OFFest со импресивниот настап на славната португалска фадо пејачка ѕвезда Мизија, нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот продолжува натаму. Втората вечер на годинешниот OFFest е резервирана за модерната естонска фолк самовила МАРИ КАЛКУН, како и за новиот домашен раскошен талент кога е во прашање интерпретацијата на македонската традиционална песна, нашата единствена ЗАРИНА ПРВАСЕВДА. Оваа програмска комбинација несомнено создава услови за беспрекорно фестивалско доживување.

Музиката на МАРИ КАЛКУН, иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, создава медитативна и необична атмосфера која предизвикува многу емоции. Нејзините слободни музички аранжмани во основа ги детерминира звукот на канелот – традиционална естонска цитра. Во преден план е гласот на Калкун, кој е во исто време меланхоличен и радосен, нежен и спокоен. Мари признава дека за неа е клучно за кого и за што пее – многу од нејзините песни се посветени на блиски луѓе или на животни пресвртници како раѓање, смрт или свадба. Воедно, тие ја слават и чистата убавина на секојдневието, па оттаму таа често ги користи текстовите на локалните поети што го опишуваат руралниот живот, приказни и пејзажи. Мари Калкун има настапувано во повеќето европски земји, во САД и Јапонија. Има објавено пет албуми од кои најпознат е „Ilmamõtsan“ (2018), кој „Гардијан“ го вброи во својата годишна листа од 10 најдобри world music албуми. Нејзиниот последен албум е музика за театарската претстава „Petserimaa igatsus“ (2022), којашто говори за тешката историја на Печори, регион поделен меѓу Русија и Естонија. Real World Records на 7 јули ќе го издаде нејзиниот долгоочекуван нов соло албум „Stories of Stonia“, кој ги поврзува древните митови, руно песните и современата поезија напишана на еден од најстарите светски јазици – Виру.

На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, македонската уметница ЗАРИНА ПРВАСЕВДА го пронајде својот сопствен израз на долгоочекуваниот деби албум „Ехо“, издание што содржи 11 традиционални песни на 4 различни јазици. Објавен од Croatia Records, албумот ја сумира уметничката визија на Зарина низ слободата и талкањето меѓу сите влијанија од фолклорното наследство што ја инспирирале. Додека нејзините вокални техники се темелат врз источно-европските традиции, инструменталната и ритмичката разновидност дише низ целата плоча. Ова ниво на зрелост не може да се означи само како музика на светот – благодарение на нејзината социјална чувствителност, длабоките врски со природата и претходните соработки со сродни музичари и уметници од регионот, Зарина сè уште сака да ги собира и споделува приказните со кои се среќава. Учествуваше во борбата за прогласување на Шар Планина за национален парк, а патува од село до село за да се сретне со македонските баби и да ги истражува и снима нивните песни и приказни. Делата на Зарина веќе го дефинираат македонското наследство. Нејзините планови се да ја пренесе својата музика до пошироката публика додека постојано работи на нови песни и нови приказни за раскажување.