Денес е втор ден на гласање на предвремените парламентарни избори во земјава, а гласаат болните, немоќните, хронично болните, затворениците, лицата кои се во домашен притвор, старечки домови и внатрешно раселените лица. Според Државната изборна комисија, денес ќе гласаат 8.855 лица.

На предвремените парламентарни избори во земјава кои првично беа закажани за 12 април, а поради пандемијата на Ковид-19 беа одложени за 15 јули, ќе гласаат сите полнолетни граѓани, вклучително и оние кои утре полнат 18 години.

Поради пандемијата, граѓаните заразени со вирусот и оние кои се во самоизолација гласаа вчера, а врз основа на податоците на ДИК, 723 лица го остварија своето право на глас. Според ДИК, од пријавени 823 биле прифатени 759 барања за гласање во изолација, а правото на глас го оствариле 723 лица, додека 36 не гласале.

Државната изборна комисија појасни дека гласачките ливчиња добиени од гласањето на граѓаните кои се позитивни на КОВИД-19 или се во самоизолација, а кои гласаа вчера, (13 јули), и гласачките ливчиња од гласањето на болните и немоќните лица, кои гласаат денеска (14 јули), согласно одредбите на Изборниот законик и упатствата на ДИК, не се отвораат и не се бројат пред денот на гласањето, туку истите, во пликови, се наоѓаат запечатени во гласачката кутија за соодветното избирачко место.

„Истите, пред започнувањето на гласањето на самиот ден на гласањето, 15.07.2020 година, се вадат од гласачката кутија, едно по едно се вадат од пликовите и, без да се провери за кого е гласано, се ставаат во гласачката кутија за соодветното избирачко место. Истата потоа се користи за редовното гласање. Напоменуваме дека на 13.07.2020 година и 14.07.2020 година не се објавуваат резултати од гласањето, туку само излезност, т.е. бројот на гласачи кои гласале. “, се  вели во соопштението од ДИК

Овие гласачки ливчиња, заедно со останатите ливчиња од гласањето на 15 јули, се пребројуваат по завршувањето на гласањето на 15 јули, по 21 часот, појасни ДИК. А.Р.