Еден од најсмртоносните вулкани во светот, Анак Кракатaу во Индонезија, не мирува. Еден ден откако предизвика катастрофално цунами, повторно еруптира и испушта пепел и чад. Се стравува од ново цунами. Овој вулкан одамна претставува закана за луѓето на копно.

Цунамито што ги погоди островите Суматра и Јава во саботата однесе 281 живот, а стотици се повредени. Предизвикана е тешка материјална штета и повеќе од 3.000 луѓе се евакуирани во повисоките подрачја. Цунамито се појави без предупредување, и се смета дека причината е подводното лизгање на земјиштето, веројатно поттикнато од вулканската ерупција на Анак Кракатау.

Експертите од Националната агенција за природни непогоди објаснуваат дека причината зошто немало предупредувања за цунами е дека опремата за рано предупредување во Индонезија детектира само земјотреси, но не и вулкански ерупции и подводни свлечишта.

Ерупцијата на Кракатау, предвесник на денешниот вулкан, во 1883 година беше една од најголемите во модерната историја. Таа, исто така, предизвика огромно цунами – околу 36.000 луѓе загинаа, а бучавата можеше да се слушне дури и во Австралија. Анак Кракатау или Детето Кракатау започна да се формира во 1927 година и моментално се издига на 338 метри надморска височина. Еруптираше во 2016 и 2017 година и интензивно е активен од јануари оваа година.