Германец кој скоро два месеци живеел во транзитниот дел на меѓународниот аеродром во Њу Делхи, конечно се качи на лет за Европа во вторникот.

Во случајот кој потсетува на филмот „Терминал“ во кој глуми Том Хенкс, Германецот (41) бил во транзит, но заглавил во Њу Делхи кога Индија ги прекина летовите поради пандемија на коронавирусот.

Мажот го напуштил Ханој на 17 март, па го пропуштил летот за Истанбул. Индија ги прекина летовите, како дел од мерките за ограничување заради „Ковид-19“ во наредните денови, објаснил полицискиот службеник КК Јадав.

Германецот, чија приказна беше објавена во медиумите во понеделникот, успеа да летне за Амстердам во вторникот рано наутро.

„Тој резервираше лет на КЛМ за Амстердам. Ние немаме идеја која е неговата крајна дестинација“, рече портпаролот на аеродромот, Тушар Макар.

Полициските службеници во индискиот аеродром изјавиле дека човекот им кажал дека постои можност тој да добие кривична пријава во својата земја и оти затоа одбил да отпатува. Индија не му издаде виза, бидејќи рекол дека има кривично дело.

Човекот поминал 50 дена сурфајќи на Интернет, разговарал со пријателите и семејството на својот мобилен, лутал во терминалот и комуницирал со персоналот за безбедност и поддршка на аеродромите.

„Му обезбедивме храна, вода, облека, паста за заби и други потреби. Тој спиеше на помони кревети, на клупи, а понекогаш и на подот“, рекол Јадав.

Филмот „Терминал“, во режија на Стивен Спилберг од 2004 година, се базира на вистинската приказна за човек роден во Иран, кој со години живееше на терминалите на аеродромот „Шарл де Гол“ во близина на Париз. А.Р.