EPA-EFE/MAURITZ ANTIN

Германското правило за Западен Балкан за вработување треба да остане во сила до 2023 година, пишува „Дојче веле“ и наведува дека граѓаните на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Косово и натаму ќе можат да доаѓаат во Германија независно од стручната подготовка.

„Олеснувањето кога станува збор за правилата за пристигнување во Германија на граѓани од Западен Балкан е продолжено “, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, пренесува Танјуг.

Во нацрт уредбата, до која имал пристап весникот, се наведува дека работната сила од Западен Балкан треба да има полесен пристап до германскиот пазар на трудот и во наредните три години.

По долги преговори во владејачката коалиција, министерот за труд Хубертус Хеил предложи нацрт регулатива со која тоа се уредува и ја испрати до другите министри за гласање.

Нацртот во основа предвидува дека таканареченото Правило за Западен Балкан од 2016 година, кое би истекло во декември годинава, ќе биде продолжено до 2023 година.

Сепак, поставена е нова горна граница: максимум 25.000 луѓе годишно можат да влезат во земјата од регионот на овој олеснет начин.

Во позадината на таа одлука се наоѓаат дилемите на домашните политичари од Христијанско демократската унија (ЦДУ), кои првично одбиваа какво било продолжување на тоа правило.

Минатата година германските претставништва во странство издадоа вкупно 27.000 работни визи врз основа на тоа правило, се вели во нацрт-уредбата, наведува весникот.

Исто така, беше посочено дека истражувањето на Институтот за пазар на труд и истражување на занимања покажа дека луѓето од Западен Балкан имаат просечна дневница од 12 евра и дека само еден процент од нив во Германија се невработени или им е потребна помош. А.Р.