Потребно е да се реформираат сите области, особено владеењето на правото кое што е еден од клучните кластери во преговорите со ЕУ и кое ќе биде отворено прво и треба да биде затворено последно, порача денеска новиот евроамбасадор во земјава Дејвид Гир на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Според Гир, земјата ќе мора да одржи постојани напори во сферата на владеењето на правото до крајот на самите преговори.
Тој потсети дека е потребно да се продолжат реформите и во одржување на демократијата и одбраната на човековите права, заштитата на животната средина и одржлива и динамична економија. Гир додаде дека се важни и добрососедски односи како дел од процесот на проширување, како што е и процесот за стабилизација и асоцијација, но не одговори директно на прашањето дали освен Бугарија и некои други земји-членки имаат забелешки на Преговарачката рамка.

Заев кажа дека очекува дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања, односно на ГАК на 10 ноември по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

За него оптимистички се сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата на завршните преговори.