Двата најважни настани во глобалниот дипломатски календар се случуваат овој викенд. Во Рим, Самитот на Г20 – состанок на лидерите на најнапредните економии во светот, а во Глазгов, Шкотска, Самитот на Обединетите нации за климата, COP 26.

Темите на самитот во Рим се надминување на глобалната здравствена криза, спасување на економиите и борба против сиромаштијата, а во Глазгов одржливиот развој.

Иако без присуство на неколку клучни лидери, двата самита ќе бидат проследени со динамични настани на маргините, пренесува српски „РТВ“.

Самитот на лидери во Рим е кулминација на овогодинешните настани во рамките на групата Г20, со која во овој циклус претседава Италија. Под работниот наслов „Луѓе, планета, просперитет“, целта е земјите да преземат водство во обезбедувањето брз меѓународен одговор на здравјето, а потоа и на економскиот и политичкиот шок во кој се наоѓа светот со пандемија, рече италијанскиот премиер Марио Драги.

ОЕЦД предвидува дека глобалната економија годинава ќе порасне за 5,7 отсто, а следната година 4 и пол отсто. Сепак, овој пораст останува нерамномерен и кревок, особено во земјите во развој, поради различните политички одговори на кризата.

Драги, исто така, повика на глобален одговор на климатските промени, а истиот апел, осврнувајќи се на улогата на платформата на Г-20, го испрати и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во пресрет на двата самити.

Минатиот месец, Меѓувладиниот панел за климатски промени објави длабоко алармантен извештај. Климатските нарушувања предизвикани од човечки активности се широко распространети и засилени. Потребна е многу похрабра климатска акција, со Г20 на чело – за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Нашиот прозорец на можности за спречување на најлошото брзо се затвора и ниту еден регион не е имун.

Немаше одговор за правичната распределба на вакцините помеѓу двата самити на Г20. Светот делумно се врати на фосилните горива поради енергетската криза. Сиромаштијата расте, и покрај зголемените издвојувања од богатите. Ова го покренува прашањето за опсегот на глобалните одговори, без загарантирани конкретни активности, посочува „РТВ“.

И покрај нивната важност, двата најважни меѓународни настани оваа година нема да се одржат во полн состав. Рускиот претседател Владимир Путин ќе биде присутен само виртуелно, додека кинескиот претседател Си Џинпинг не доаѓа. Нема да присуствува ниту новиот јапонски премиер Фуми Кишида, додека најмоќната земја од ЕУ, Германија, ќе ја претставува практично поранешната канцеларка Ангела Меркел, на која ова ќе и биде последно учество на самитот на Г20.

И покрај тоа, на маргините се очекуваат динамични настани, во кои ќе доминираат оние од агендата на американскиот претседател Џозеф Бајден, но и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по протерувањето на амбасадорите на 10 западни земји, поради мешање во внатрешни работи на Анкара. Заедно со обидот за смирување на дипломатските тензии, теми ќе бидат и новата мигрантска криза која започнува од Авганистан, како и хуманитарната помош за таа земја. А.Р.