Foto: ANI/REUTERS TV/via REUTERS

Спасувачките екипи во Индија трагаат по околу 170 лица кои се водат како исчезнати на Хималаите на северот на земјата, откако се урна глечер што предизвика поплави и лизгање на земјиштето. Пронајдени се телата на 12 жртви, соопштија официјалните лица.

Многумина од исчезнатите работеле на два владини проекти во планините во државата Утараканд. Официјални лица велат дека според информациите на локалните власти, околу 170 лица се водат за исчезнати, пренесува Ројтерс.

Спасувачките екипи трагаат по исчезнатите и во еден од тунелите долги 2,5 километри, каде се верува дека се заробени 30 работници. Досега не е воспоставен контакт со никого во тунелот, велат официјалните лица. Но, во неделата беа спасени 12 лица од друг тунел.

Не е познато што ја предизвика лавината во овој период од годината, кога температурите се многу ниски и нема дожд. Ова сега го истражува тим научници кои оставаат можност одвојувањето на глечерот да било предизвикано од таканаречениот „ воден џеб“, односно мало езеро што се формира во внатрешноста на глечерот. Сепак, активисти за заштита на животната средина велат дека лавината е можеби предизвикана од работи што се вршат на планините. А.Р.