Климатските промени го зголемуваат ризикот од срцеви и бубрежни заболувања, топлински стрес и други смртоносни болести поврзани со топлината за се повеќе луѓе од целиот свет ранливи на топлина, објавија научниците во средата.

Ефектите од глобалното затоплување се најсериозни за постарата и урбаната популација и луѓето со хронични здравствени проблеми. Европа и Источниот Медитеран, се поранливи од Африка и Југоисточна Азија поради бројноста на стари лица кои живеат во густо населените градови, наведуваат истражувачите во анализата објавена во медицинското списание „Лансет“.

„Трендовите на влијание на климатските промени, ранливоста и изложеноста, покажуваат неприфатливо висок ризик за здравјето, сега и во иднина“, вели Хилари Греам, социолог на британскиот Универзитет Јорк.

Одбројувањето на здравјето и климатските промени кое го објави „Лансет“ ја вклучува работата на 27 академски институции во дисциплини од здравје и инженеринг до екологија и експертска анализа на Обединетите нации и меѓувладините агенции низ целиот свет.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), климатските промени делуваат на многу фактори кои влијаат врз здравјето, вклучувајќи и чист воздух и вода, храна и засолниште. Се проценува дека меѓу 2030 и 2050 година, климатските промени можат да предизвикаат дополнителни 250.000 смртни случаи годишно поради неухранетост, дијареа, маларија и стрес.

Извештајот покажа дека во 2017 година околу 157 милиони ранливи лица биле изложени на топлотни бранови. Минатата година околу 153 милијарди работни часови беа изгубени поради топлинска изложеност.

Исто така е потврдено дека мали промени во температурата и врнежите од дожд може да предизвикаат големи промени во преносот на заразни болести кои се пренесуваат преку вода или ги пренесуваат комарците, како колера, маларија и тропска денга треска.

Климатскиот и здравствен експерт Хауард Фрамкин, од „Велкам траст“, кој делумно го финансираше трудот, изјави дека резултатите се јасни.

„Климатските промени со екстремни жештини директно влијаат на нашето здравје, на пример, со поттикнување на пожари, пропаѓање на посевите, заразни болести и трошоците за живот во целиот свет“, рече тој и ги повика сите сектори да дејствуваат побрзо со цел спречување на климатските промени и „намалување на потенцијално катастрофалното влијание врз нашата планета и нашето здравје“.