Изложбата „Мал формат“ ќе биде поставена денеска, 22 декември,  во Културно Информативниот Центар КИЦ, салон Империјал 1, во Скопје и ќе трае 10 дена, а е во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Град Скопје и Министерство за култура на Р. С. Македонија.

Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 см претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Чувството на внатрешниот порив да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големите форми во помалата мерка.

– Изложбата „МАЛ ФОРМАТ“ на ДЛУМ е традиционална поставка на крајот на годината, а можеби и прилика пред-празничниот период да го збогатиме со уметничка понуда.Темите се слободни и можеме да забележиме замор од оваа тешка и специфична година, па така забележуваме враќање кон природата, кон пејзажот,но колорит и композиции кои ќе не замислат. Индивидуалниот ракопис и пристап на изработка кај секој од авторите ја бележи нивната потреба за творење, или пак бегство од реалната апатија и дотолку повеќе се значајни овие колективни изложбени претставувања кон патот до гледачот. Таа слобода на изразувањето, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба, ви ја претставуваме – велат од ДЛУМ.

На изложбата учествуваат 33 автори членови на ДЛУМ: Ана Ивановска, Ана Спасова, Ангелца Стоиљковиќ, БлашкаМиева, Дејан Иванов, Дијана Томиќ-Радевска, Дита Старова, Душан Георгиевски, Емилија Божиновска, Златко Бојковски, Златко Глигоров, ЗулељехаЗубери Али, Ивона Велковска, Игњат Шќекиќ, Илина Арсова, Јовица Мијалковиќ, Љубица Мешкова-Солак, Љупчо Бојаров, Маја Димитреова, Маја Кировска, Марија Светиева, Марина Цветановска-Мартиновска, Марјана Костојчиновска-Узунчева, Мирјана Крстева Масети, Никола Смилков, Перо Кованцалиев, Петра Јовановска, Силвана Атанасовска, Слободан Милошевски, Стефан Димовски, Стефан Хаџи-Николов, Тања Таневска, Шќипе Мехмети.

Уметничкиот совет на ДЛУМ наградата за „Мал формат“ му ја додели на  Дејан Иванов-Маргуш за делото ,,Осоговски пејзаж”. Со енергично насликаните мотиви од македонските скриени убавини, на кој авторот им се посветува подолг период, тој провоцира трагање со погледот, а поставува воздушна перспектива во која го внесува гледачот. Прочистениот израз, едноставниот богат потез и возбудливата текстура го збогатува чувството на оптимизам и нашата припадност кон природата.

Дејан Иванов Маргуш, „Осоговски пејзаж“ акрил на картон , 20 х 20 см, 2019 год.

 

 

 

 

 

Од страна на Културно Информативниот Центар КИЦ беа доделени три награди:

-Награда „Адем Кастрати“ на Златко Бојковски

Златко Бојковски „ Музиката е готова “ алуминиум 30х30х5 2019год 

 

 

 

-Награда Костантин Коце Мазев на Марија Светиева

Марија Светиева „ Во допир со белото “ линорез 22х20 2020год 

 

 

 

-Награда Вангел Коџоман на Дита Старова Ќерими

Дита Старова Ќерими „ Булка “ акрил на платно 15х15 2020год