Првиот ромски извиднички одред “Просперитет“ ќе добие свој дом. Најновиот извиднички одред во Македонија заедно со извидниците од Сојузот на Извидници на РМ, Мрдни со Прст и локалното население утре од 10 часот ќе го реновираат објектот на центарот за социjaлни грижи “Надеж“ каде првиот ромски извиднички одред ќе се смести во иднина.

Освен што ќе се мрда со прст за отстранување на отпадот и депонијата од улицата и околу објектот во Шуто Оризари, ќе се обновуваат прозорите, кровната конструкција и електричната инсталација на објектот. Извидниците заедно со локалното население ќе го брендираат и ќе го уредат просторот, а ќе постават и канти за отпадоци и  хортикултурно уредување со цвеќе, со што младите во Шуто Оризари ќе добијат ново катче за дружење, споделување на идеи и организирање на настани.

Ромскиот извиднички одред “Просперитет“ заедно со Мрдни со Прст утре ќе се погрижат  работата да оди како песна, а во тоа ќе  помогнат диџејот и комбето на Мрдни со Прст. Околу 100 извидници од Скопје ќе се придружат на акцијата. Со новиот простор за работа и официјално ќе започне  функционирањето на уште еден младински центар каде младите ќе можат да се едуцираат, социјализираат и да ги развиваат своите вештини и способности.

Основањето на Извидничкиот одред во Шуто Оризари е резултат на Проектот за вклучување на Ромите во Извидништвото имплементиран заедно со Центарот за социјални грижи Надеж и Сумнал, а поддржан од Холандската Амбасада во Република Македонија. Акцијата за оспособување на просторот ја спроведуваме заедно со Мрдни со Прст.