Боемштината и мекиот нежен поетски израз, како главни референци, се врзуваат за поетот Горан Анчевски, еден од оние познати по својата широка љубов и длабока посветеност кон поезијата, кон опевањето. По неколку години, се наоѓаме пред најавата за нова промоција, овој пат со целосна тематска посветеност.
*Поминаа неколку години од Вашето последно дело, и еве најавувате нова книга. 
– Последната книга ми беше пред четири години, заедничка со мојот колега поет од Битола, Пеце М. Цветкоски. Четири, пет години како не сум објавил книга. Сега од 70 песни ги одбрав  20-те бисери. Правам компилација од новите, кои се пишувани во последниве четири години. “Спасоносна светлина” се вика и поточно напишав 63- 64, и направив избор од дваесеттина.

*Насловот? Како Ви дојде идејата за “Спасоносна светлината”? 

-Љубовта. Љубовта е спасоносната светлина, да ги сакаме луѓето. Без разлика, и да не повредуваат да ги сакаме … Љубовта!
*Книгата е веќе готова штом песните се избрани, рецензентите ги пишуваат своите впечатоци, и се чека печатењето. Во кратки црти, имаавте посебен мотив овој пат да ја напишеше книгата? 
-Мала поетска стихозбирка е ова. Не одев на квантитетот одев на темата. На љубовта. На човечката љубов. На тоа да се сакаме. Имав и личен мотив. Самиот читател ќе ја открие, уште на самата промоција. Планирам интимна промоција во Градскиот парк во Скопје.
*Тие четири години на пасивност на што ги посветите? 
-Не беше пасивност, пишував. Не е пасивност ако се повлечеш малку во тишина, не одев само на редовните поетски читања. Инаку, тоа што ми беше зацртано да го направам, да напишам песнарка , тоа го правев, но не со форсирање, “немам што да правам ќе земам да пишувам”.
*Специфично е кај Вас сите песни ги закитувате со емоции. Многу сакам да Ве прашам Вие сте можеби единственото поет што јас го знам, секако уважен член на Друштво на писатели на Македонија кој посветува песни на личности како што е уметникот Живко Поповски-Цветин, шаховскиот шампион Димитар Илиевски… Како ги определувате личностите да им посветите по некоја стих, ве инспирира моментот? 

-Имам посветено десеттина песни. Љубовта и почитта ја изразувам на тој начин. Е сега конкретно да речеме за Живко не треба буквалистички да се сфати дека  му го посветувам песна нему,, тој е доволно опеан како лик, туку на неговите цвеќиња на мирот на неговата мисија. Цвеќето на мирот, цвеќето на мирот е мојот мотив.

*Вашата поетска мисија е исто така миротворна, Вие сте еден од оние што инсистираат на мир, секогаш. Во ноември 2001 имавте песна посветена на бегалците.
– ” Пролетен зрак” е таа песна, и вели “Долета сребрена птица, песнопојка распеана, разиграна, насмеана и песна македонска, песна лековита од срце ја запеа, околу мене- се разведрија загрижените натажени лица, волшебни цвеќиња на мирот сликарот Цветин ни подаруваше – во земјската волчја ноќ, некоја топла надеж која се уште тлее во мене, искрено ми ја вдахнуваше. Живото е сепак убав Горане, животот е убав. После дожд, сонце ќе огрее!”. Вики Среброва пееше. А додека јас рецитирав, Цветин цртајќи цвеќиња , со гестот тој ни укажа дека животот е убав.
*Долги децении Ви се испреплетуваат тие ваши активности,  Вие како поет тој како сликар. 

-Имаше еден познат поет на Струшки вечери за време на војната,  вели “овената цвеќињата на мирот”. Не овена, свежи се. Но, свесен е и тој, и јас дека нашиот крик не допира таму каде што треба. До тие олигарсите што кажуваат за мир и немир. Ама како творци, и како луѓе пред сѐ, треба да го кажеме тоа.

*Сакам да Ве прашам, со Вашиот уметнички дух дел сте од тој уметнички свет на повеќе начини, и тука неизбежно  е да го споменеме и вашето силно пријателство со актерот Мите Грозданов со кој што имавте и соработка на сцена. Ве претвори во актер еден период.
-Ме вклучи во театарот негов. Во три претстави. Поетот во театарот како актер, затоа што актерот е поет на сцена. Е сега поетот како актер, веруваше во мене. Претстават  “Од инат, поинат, заминат” , многу ја прифати публиката, потоа имавме историска триологија, и музичко поетски перформанс за големата госпоѓа на музичката сцена, Стела Стелијанска, сопруга на режисерот Ѓоко Стојановски. “Ќе глумиш и ќе играш” велеше. И така научив и глумски занает. Почина мојот пријател, за жал, имавме зацртано и други проекти.
*Ќе напишете нешто од вашите дружби како анегдоти, како доживувања? Многу би сакала публиката да прочита нешто за секогаш насмеаниот Мите, тој и како актер и како боем беше многу прифатен.
– Да, ама сепак беше  осамен. Последните 6 – 7 години интензивно дружевме. Многу, многу. Имам и песни за него. И штета што доајен на македонскиот театар, сега ова не знам дали да го зборуваме, но тоа е вистина, да ја плаќа и хигиеничарката во Драмски после пробите, да плаќа портирот, да плаќа дѐ од свој џеб. И, јас најдобро намерно еднаш му реков “братче не треба мене хонорар да ми дадеш”, но тој ми скокна “Ти ли ќе ме финансираш? Не може”. Значи на мускули ни е културата, а тој беше добронамерен сакаше да твори и создава за сцената.
*Од 2005 сте член на Друштвото на писатели. Кои се Ваши дела?

-Првата слихозбирка е посветена на моите  ќерки, “Милениците на Оља и Сања” , потоа дојде стихозбирка за возрасни “Ирис”, па “Пориви на муграта”, “Вечен огин”, “Боемско Скопје”, “Вдахновение” , “Светлина во зеницата”, “Зад виножитото” , “Душата на цветот”, „Оставени на дождот” која е заедничка со мојот колега од Битола Пеце М. Цветкоски. Застапен сум во неколку заеднички поетски алманаси и збирки…

*Каков е животот на поетот? Живееме во век кога човекот сака многу удобности. Која е удобноста да се биде поет?
-Еден голем полски поет Тадеуш Ружевиќ, човек кој ја преживеал стравотната војна во Полска, по војната, ова е многу битно, ова е суштината, слушај те молам, го нагласил тоа не случајно, вели- “како е можно поезијата да преживее, а човекот да умре?”, мислејќи на човечното. Што е поентата,  ете сега народски да кажам, ние да пишуваме поезија? Да се восхитуваме на цветот, на вишната на златната месечина? А човекот да умре, човечното да умре. Да се симнуваме во студениот пекол на естетиката, додека вистината умира пред нашите очи. Е во истата некоја слична ситуација сме ние денес… Но, истиот тој поет, ги пишува најубавите стихови во повоена Полска која најмногу настрада. Е сега слично се случува. Сум нацртал убав цвет на пример,  сум напишал убава песна. Што фајде? Дали нашиот крик доаѓа до олигархијата која одлучува за мирот и немирот во светот, која галопирачки оди кон апокалипсата?
*Значи од една страна моќта на поетот е голема, од друга страна е безначајна?
-Венко Андоновски вели: ” гледам дека уметниците се на маргина” , да не кажам тежок збор кловнови. Ние сме кловнови. Дали сме кловнови на некое повисоко ниво или на пониско, ние сепак сме кловнови. Што ако црташ убав цвет или си напишал убава поезија, кој те есапи? А ние вистински крикнуваме за мирот. Вистински!
*Велат вистината умира кога поетите ќе замолчат. Ако прекинат тие да пишуваат и да фантазираат, значи постигнато е целосно уништување и замирање на човечкиот дух. 

– Периодов зборував со мнозина, и со ценетиот поет и писател Стојан Арсиќ, сите велат “не ми се пишува”. Но мене некако одвнатре не ми дава нешто, јас не се откажувам.

*Не може човек лесно да се откаже од мирисот на мастилото. Многу позитивна е книгата која доаѓа… 
-Крик е тоа, и едно наше “не!” на мракот на злото, и како што постои цветот да посети на убавината дека има и убаво и нежно и мило, дека не е сѐ грдотија дека не е сѐ мрак, ние докажуваме дека не сме сите кретени што прават војни, што уништуваат.
*Доволно кажавте сега. Тука го надоврзам и моето последно прашање за оваа прилика, до следното видување на промоцијата. Вие тука во Македонија сте поетизирале  на сите наши манифестации, поетски читања, сте постигнале сѐ што може да се постигне во областа на поезијата но дали имате /желба бидејќи вашата пораката е универзална да ја проширите својата  поезија и со учество, гостувања  на преводи на други јазици. Па да ѝ дадете малку пошироко поле на делување на Вашата поезија? Не го сакате интернетот, но тоа е единствената отворена шанса за тоа. 
-Имаше еден гевгеличанец на хавајка што свиреше, на времето еден симпатичен концерт одржа во стариот Дом на градежници во Скопје. На концерт, двајца без тројца и вели “драгоцени сте ми, Вие двајца како два милиони”. И моиве песни само двајца да имаат читатели, слушатели, тие ми се два милиони. Да допрам до две души значи многу сум направил…
Валентина Ѓоргиевска Парго