Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на романот „Сеќавањето на шумата“ од хрватскиот писател Дамир Каракаш. Преводот на книгата е на Владимир Јанковски. „Сеќавањето на шумата“ е еден од најнаградуваните хрватски романи во последниве години, книга која според критичарите „еден ден сигурно ќе биде сместена меѓу класиците на хрватската книжевност“.

Во „Сеќавање на шумата“ Дамир Каракаш со исклучително малку изразни средства, на концизен начин, компримирано го води човекот кон најдлабоките плодови на емоциите, од друга страна реалистично прикажувајќи го микрокосмосот на Лика.

Според хрватскиот писател Роберт Перишиќ, „Сеќавањето на шумата“ е кус роман со поетско темпо, книга за едно необично растење под сенката на мистеријата што се крие во самото тело. Книга во која се натпреваруваат стравот и волјата, се допираат траумата, хуморот и поезијата. Книга од работ на шумата, целосно каракашевска, извртена во својата логика, точна е течна, поместена и разбирлива…

Дамир Каракаш е роден 1967 година во селото Плашчица во Лика. Во Загреб студирал агрономија, право, новинарство, при што неколку години работел и како новинар во црната хроника на „Вечерњи лист“, во Сплит. Живеел во Бордо и Париз. Има објавено неколку романи, збирки раскази, како и книга патописи.

Книгата „Сеќавањето на шумата“ е објавена со финансиска помош на Министерството за култура на Република Хрватска.