Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на збирката раскази „Punk is dead“ од словенечкиот писател Томаж Космач. Преводот на книгата од словенечки јазик е на Дарко Спасов.

Томаж Космач (1965) е современ словенечки писател главно заинтересиран за формата на краткиот раскази. Расказите од „Punk is dead“ се напишани на директен и соголен јазик со посебна исповедна моќ. Авторот ги опишува со алкохол натопените секојдневни настани на раскажувачот и неговите сопатници. Тие се наоѓаат на општествените маргини, водејќи живот чии мотиви најчесто само самите можат да си ги објаснат. Аутсајдери од словенечкото општество, губитници кои се надвор од речиси секоја општествена вклученост. Но, Космач нивните мали драми ги прикажува со специфична човекова блискост и разбирање, така што кај читателот се појавува силна емпатија за нив. Збирката раскази е натопена со трагикомични ситуации, со свежи и сурови описи и многу нетипична убавина… А сите овие елементи уште еднаш го отвораат прашањето за етаблираните општествени норми.

Книгата е објавена со финансиска помош на меѓународната книжевна мрежа Традуки.