Во историјата на Гренланд ќе биде запишано дека изгубил 11 милијарди тони мраз на 31 јули, односно 197 милијарди тони во текот на јули, известува CNN.

Обично, топењето на глечерите на Гренланд започнува кон крајот на мај, но годинава се случи на почетокот на месецот. Научниците исто така забележуваат дека во некои области на Гренланд, температурите се искачиле над нулата (2,7 ° C), што е нетипично за овие области. Во овој случај, количината на вода што тече од островот во океанот, го предизвика зголемувањето на нејзиното ниво за еден месец за половина милиметар.

Научниците го објаснуваат топењето како последица на абнормалната топлина во Европа, која достигна до Арктикот. Во иднина, ова може да предизвика да дојде до најголемите топења на мраз во Гренланд од 1950 година, од кога е започнато со набудувањата на глечерите.

Според Рут Мотрам, климатски научник на данскиот метеоролошки институт, топлото време во Гренланд ќе продолжи и во наредните неколку дена, евентуално подолго. Сезоната на топење обично трае до крајот на август, така што ледената покривка ќе продолжи да се намалува.

82% од површината на Гренланд е покриена со мраз. Неговиот мраз штит е втор по големина во светот по Антарктикот. Овие две маси заедно држат доволно замрзната вода која може да го подигне глобалното просечно ниво на морињата за 65 метри ако се стопат.

Од крајот на јуни,  Европа се бори со високите температури – ова лето стана најтопло во историјата на метеоролошките набудувања. Термометарот покажа повеќе од 40 степени во Франција, Белгија, Германија, Холандија и други земји.