Иако за многумина неверојатно, сепак најавите дека секој што посегна по суверенитетот на државата на 27 април ќе одговара, почнуваат да се обистинуваат. Утрово, по 7 месеци и еден ден по упадот на гневната толпа на демонстранти во народното Собрание, главните актери се приведени и се на распит во Кривичниот суд во Скопје.

Досега се приведени дваесетина лица меѓу кои Митко Чавков, екс директор на БЈБ, Игор Дурловски и Владо Јовановски од организацијата „За заедничка Македонија“, повеќе директни учесници во упадот во Собранието како пратениците Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Жаклина Стефановска. Дел од нив веќе даваат исказ пред обвинител.

„По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против  триесет и шест лица поради  основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“ соопштија од ЈОРМ.

Никола Груевски преку својот Фејсбук профил го објави повикот до сите граѓани кои како што вели не се согласуваат со антидржавната политика на СДС да излезат на протест пред основниот суд Скопје во 13:30 часот. Протестот го најави ВМРО-ДПМНЕ за да им изрази поддршка на приведените во денешната акција на МВР по налог на ЈОРМ за настаните од Крвавиот четврток која опозиционерите ја оценија како директен притисок на власта.