Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации (ОН), рече дека во текот на 2017 година во Сирија загинале најмногу деца од сите седум години на војната.

„Длабоко сум погоден од големите загуби и страшните страдања на сирискиот народ“, рече Гутереш во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН за време на заседанието за 30-дневното примирје во Сирија.

Тој изрази разочарување од сите актери кои, како што рече, дозволиле да се случат страдањата во земјата погодена од војна.

„Длабоко сум разочаран од сите оние кои од година во година, со делување или неделување, плански или неплански, дозволија да се случи вакво нешто“, изјави Гутереш, пренесе Анадолија.

Прекинот на огнот, одобрен од Советот за безбедност на ОН во февруари оваа година, не успеа да спречи некои од најлошите непријателства и конфликти во Сирија.

„Особено во Источна Гута, каде воздушните напади, како и артилериските и земјишните напади се интензивираа веднаш по усвојувањето на резолуцијата за примирје и зедоа стотици цивилни животи, некои велат дури повеќе од 1000“, изјави Гутереш.

„Сакам да ја истакнам итноста во поглед на медицинската евакуација, заштитата на цивилите и целосно, одржливо и непречено доставување хуманитарна помош што е можно поскоро“, рече Гутереш.

Од друга страна, американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, во своето обраќање до Советот за безбедност на ОН рече дека прекинот на огнот во Сирија досега беше неуспешен. Таа посочи дека поради таа причина, САД до Советот за безбедност на ОН упатија нова задолжителна нацрт-резолуција за примирје во таа земја.

„Примирјето досега биле неуспешно и време е да се направи нешто. САД во никој случај нема да даде простор за изговори. Ние подготвивме едноставна и обврзувачка нацрт-резолуција за прекин на огнот во Сирија“, рече Хејли.

Советот за безбедност на ОН, првенствено со усвојување на резолуцијата од 24 февруари, повика на прогласување хуманитарно примирје во Сирија, првенствено во Источна Гута. Иако беше побарано примирјето да се спроведе без одлагање, тогаш не беше наведено како ќе почне. На 27 февруари, Русија објави дека хуманитарна пауза ќе има од 9 до 14 часот секој ден, и дека режимот ќе го почитува тоа.