Дали Агенцијата за филм работи според „кодексот“ на ДФРМ?

Скандалозно е да не ги поддржите Скопски филмски фестивал и „Астерфест“, а во фестивали да се претворат 70 години ДФРМ и 50 години анимиран филм ДФРМ.

587

Пишува: Сунчица Уневска

Агенција за филм или Филмски фонд во ваква земја како нашата, дефинитивно, не треба да постои. Зошто? Затоа што сите вакви институции, кои во нормалните земји придонесуваат кон унапредување на дејноста, во земји во кои владее корупција, се претвораат во само уште една институција која им служи на интересите на поединци. Порано, додека филмската дејност, како и сите други дејности од културата, беше под капата на Министерство за култура, донекаде имаше ред. Повторно, се разбира, се снаоѓаа итрите поединци, но сепак, имаше и за другите. Меѓутоа, откако се формираше Филмскиот фонд, а подоцна и Агенцијата за филм, тој целосно работи во интерес на партиите на власт и (сè повеќе) на една мала група „најважни“ филмски работници во земјава здружени во Друштвото на филмски работници. Но, дури и тоа не им беше доволно, па малку по малку овие членови на Друштвото, збогатени со неколку нови, доста ентузијастични во остварувањето на замислените цели – дека за сè во државава што се однесува на филм треба тие да одлучуваат, ја земаа оваа институција целосно под свое.

Некои ќе речат, ако можеа да се самопрогласат за светци буквално на сè што спаѓа во филмот, така можеа и да го преземат целосно ДФРМ, каде што не може да влезе секој, бидејќи според нивниот правилник вие сте филмски работник само ако тоа се согласува со нивниот „кодекс“. Така, бидејќи нивните критериуми се на „многу високо ниво“, од некаде отприлика активни 350 филмски работници во ова здружение членуваат едвај стотина. Потоа преминаа и целосно ја преземаа Агенцијата за филм, а веќе долго зборуваме и за фестивалот „Браќа Манаки“, што најдрско го присвоија, но сега тоа присвојување и си го унапредија, па го изедначија со ДФРМ, бидејќи тоа на истиот газда му доаѓа исто.

Небулозните „Факти и бројки“

Но, да не испадне дека е ова текст за ДФРМ. Не, интересно е дека, всушност, не е. Меѓутоа, како што се обидувам да пишувам за Агенцијата за филм, испаѓа дека сепак тоа не може да се избегне, затоа што сè што прави Агенцијата за филм е врзано и зависи од ДФРМ. Институции како Агенцијата за филм, како што вели народот, мајка дале за на овој начин да бидат злоупотребени. И нема тука ништо чудно. Тоа е познато во секоја земја во која владее корупцијата. А како кај нас работите се движат постојано во сè поголем интерес на коруптивните зделки, така е и со филмот, а така е и со Агенцијата за филм. Таа веќе целосно е под влијание на ДФРМ, кое сè поочигледно одлучува за што и како ќе се дадат парите и ја злоупотребува Агенцијата до крајни граници.

Доволно е, за почеток, само да се каже дека ДФРМ, според официјални податоци, добива од Агенцијата секој месец по 2.000 евра, кои они си ги делат како плати (хонорари), а башка што добиваат и за бројните активности, кои ДФРМ така „инвентивно“ ги смислува, бидејќи ништо живо не им е доста. А станува збор за едно „елитно“ друштво кое, како што рековме, има едвај стотина членови (кои се разбира гласаат за сè во нивна корист), иако во Македонија бројот на филмски работници е барем три пати поголем, а освен тоа има уште неколку филмски здруженија поделени според струката, како дистрибутери, продуценти итн., и најголемата Асоцијација на филмски професионалци која брои околу 220/230 членови. И сите тие членуваат во релевантни светски асоцијации, но ниту ДФРМ, ниту Агенцијата не ги есапат, па тие се снаоѓаат како знаат и умеат.

Всушност, поводот за мојот текст не беше ова, но тоа само по себе се наметнува. Поводот беше токму прес-конференцијата на новиот директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски (што по брза постапка и без никаква транспарентност од в.д. стана директор), кој држеше прес токму за да ја покаже „транспарентноста“, за која претходно ни испратија едно издание насловено „Факти и бројки“, исто така, за да ја покажат транспарентноста за тоа што и колку е поддржано. „Факти и бројки“, едно амбициозно издание од осумдесетина страници, за кое при првото прелистување се прашувате, која му е целта и каква потреба има од едно вакво тотално небулозно издание?

Или, со други зборови, во чиј интерес е едно вакво смешно и неупотребливо издание, освен во интерес на оние кои стојат во позадина и повторно за оваа „активност“ земаат хонорари. Да не ви се верува. Ова издание е полно со графикони, табели, бројки и што ти не… Да, секоја институција треба да си прави свои анализи, треба да си води сметка каде троши, треба да си има архива. Но, кому му е потребно вакво издание? Бидејќи, ниту публиката, ниту пак новинарите ова можат, а нема ни зошто да го разберат. Отчетност и транспарентност се прави со соопштенија и прес-конференции во кои ќе ги образложите делењата на парите и проектите што добиле поддршка, како и нивното прикажување, дистрибуција и евентуално фестивали. Ништо повеќе на јавноста не и е потребно за транспарентност. Графиконите и табелите не се нешто што заслужува толкаво амбициозно издание кое ќе заврши во канта за ѓубре, затоа што нема никакво значење, ниту употребна вредност, ни сега, а за во иднина и да не зборуваме. Толкаво издание покрај редовниот каталог кој Агенцијата го прави на годишно ниво??? Но, што да се прави, постојано се измислува нешто, инаку како ќе се оправда трошењето на парите. Да се разбереме, транспарентноста со тоа нема никаква врска.

Кои филмски фестивали се од национален интерес

Но, ова е само уште една генијална идеја за што и каде Агенцијата за филм (според критериумите на ДФРМ) смее и треба да ги троши парите. Претходно имавме филмски прирачник со сите филмски изрази, дека инаку филмските работници после завршените школи тоа не го знаат, па им беше неопходен филмски прирачник. Што друго смислија потоа? Ја смислија „генијалната“ манифестација „Златна рамка“ повторно како отчет пред македонската јавност, демек ќе ги видиме сите македонски филмови од изминатата година, но затоа тие три дена на прикажување македонски филмови така итро и амбициозно си ги ставија на листата на филмски фестивали во земјава. А, инаку, на оваа листа како фестивал влезе и одбележувањето на 70-годишнината на ДФРМ (како единствено релевантно здружение, бидејќи и онака другите филмски професионалци се со гума избришани), како и одбележувањето „50 години анимиран филм ДФРМ“.

Епа не знам навистина како да ги издвојам Агенцијата и Друштвото во овој текст. Но, тоа и не е сè! Замислете, годинава меѓу филмските фестивали не се поддржани 24. издание на Скопскиот филмски фестивал, ниту 16 издание на „Астерфест“, фестивали кои се одржуваат веќе долго време и кои се навистина филмски фестивали со сите атрибути што еден фестивал треба да ги има, за разлика од многу манифестации, ревии и годишнини, кои оваа година се поддржани и кои се далеку од филмски фестивали. Ќе речете има комисија за тоа. Да, би требало да има.

Но, ако донела ваква одлука, тогаш нема поим што е фестивал, а во чиј интерес е сето ова, повторно не враќа на ДФРМ. Кој и со која памет може ревијата „Златна рамка“ и годишнините: 70 години ДФРМ и 50 години анимиран филм, да ги стави меѓу филмски фестивали. Кој може да им даде предност на „Бич филм фестивал“, на „Филозофски фестивал“, на „Киненова“ и на многу други, за што впрочем беше оформена и Комисија за филмски фестивали, која одлучуваше токму за прашањето кои фестивали се и треба да бидат од национален интерес? Но, таа комисија и нејзината работа никој не ја ни спомнува, бидејќи за тоа секако амин треба да даде ДФРМ, но затоа им се дава предност на манифестации кои треба да се поддржани од фелата или од локалната власт, за разлика од Скопски филмски фестивал и Астерфест, кои одамна заслужија да бидат фестивали од национален интерес.

Експресно разрешена директорката на „Браќа Манаки“

А да не зборуваме за „Браќа Манаки“, особено после оној скандал лани, кога токму ДФРМ заедно со Агенцијата за филм смисли дека фестивали не треба да има (вадејќи се уште во февруари 2020 на коронавирусот), само за да не се даваат пари на фестивали, туку да си ги земат продуцентите. Но, за нивна жал, фестивалите се одржаа, како и секаде во светот, со мерки и прилагодувања, освен „Браќа Манаки“, фестивалот кој ДФРМ веќе целосно го присвои. Па така, оваа година по брза постапка ја разрешија директорката Гена Теодосиевска, која спротивно на нивното мислење се обиде сепак фестивалот да го одбележи на едно ниво, какво што фестивал со таква традиција и таков ранг и би требало да има. Но, ДФРМ односно нивното Собрание, кое според новиот правилник го бира и разрешува директорот, едноставно ја разреши затоа што не игра по нивно, наоѓајќи изговор во (не)прифаќањето на извештајот за одржувањето на фестивалот.

Страшно е до каде одат ДФРМ, кои ја изедначија постапката за избор на претседател на ДФРМ со изборот на директор на „Браќа Манаки“. Здружение на филмски работници и фестивал кој после 40 години треба да има светско реноме и значење!!! Зошто е ова текст за Агенција за филм? Затоа што таа е надлежна за сето ова. Затоа што таа е надлежна да не работи во интерес на една шака луѓе, затоа што таа е надлежна да го сфати поширокиот интерес на филмот за македонската култура, а не да дозволи вакво изигрување и злоупотребување.

Но, не случајно и изборот на директор беше таков каков што беше. Не добивме точни податоци зошто токму Бојан Лазаревски беше избран, кога конкурираа луѓе со огромно искуство и со сите можни дипломи и потврди што се бараа, како долгогодишната селекторка, уметнички директор и директорка на фестивалот, Гена Теодосиевска, како Татјана Ќурчинска Пепељугоска, која направи бренд од дистрибутерската куќа „Манаки филм“ и сегашниот директор на Кинотеката на Македонија, Владо Ангелов. Не, во штурото објаснување се вели дека само двајца ги поднеле потребните документи???? Си го ставија Лазаревски в.д., па веднаш потоа директор и тој, се разбира, си продолжи со сè што Горјан Тозија зацрта, како што беше и планот.

Па дури и изјавите се исти, за тоа колкав успех ние во последниве години сме направиле. Повеќе пати пишувавме колку тоа нема врска со стварноста, но фарсата си продолжува, ДФРМ уште повеќе си зема сè под свое, па и не е чудно што веќе мислат дека се господ и дека сè што во државава е филм треба од нив да зависи. Тоа веќе и во нивните правилници си го ставија, дали ќе бидете „релевантен“ филмски работник, ќе кажат они, се разбира, според славниот „кодекс“, не напамет??? Епа наздравје!. Како велат, народот има власт каква што заслужува, така и еснафот, кој постојано молчи, си добива „власт“ каква што заслужува! И колку да се знае, многу нѝ е јасно дека сè што ние пишуваме во овие услови е џабе, но нека знаат барем дека не можат баш да прават мајмуни од нас и нека има барем доказ дека некој нешто, сепак, знае во овие тотално небулозни услови и земја која сè повеќе тоне во корупција.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.