„Премас Биотек“ е вклучен во развојот на вакцини и технологии за третман на разни болести, а неодамна објави дека во соработка со „ Орамед фармацеутикалс инк.“ работи на развој на орална вакцина против ковид-19. Тоа е вакцина во форма на капсула, која е ефективна по првата доза.

Со цел да можат да ја пласираат својата вакцина што е можно поскоро, „Премас“, „Орамед“ и други акционери ја основаа „Оравакс Медикал Инк“. По единечна доза капсула на „Оравакс“,започна производството на антитела во пилот-студија спроведена врз животни, што укажува на ефикасноста на оваа вакцина.

Вакцината на „Оравакс“ стимулираше и системски имунолошки одговор преку имуноглобулин Г (IgG), најчестото антитело во крвта и телесните течности кое штити од вирусни инфекции и имуноглобулин А (IgA) кој ги штити респираторните и гастроинтестиналните патишта од инфекција.

Досегашните податоци покажуваат дека вакцината е безбедна, ефикасна и дека произведува високи титри на неутрализирачки антитела, пренесува „Бизнис вајр“. Ко-основачот и извршен директор на „Премас Биотек“, д-р Прабуда Кунду изјави дека оваа вакцина може брзо да напредува во доцните фази на клиничките испитувања и најави дека клиничките податоци треба да бидат објавени наскоро.

Извршниот директор на „Орамед“, Надав Кидрон изјави дека е возбуден затоа што нивниот кандидат за вакцини може да помогне побрзо да се стави крај на пандемијата.

„Оралната вакцина против ковид-19 ќе елиминира бројни бариери за дистрибуција на вакцините и ќе им овозможи на луѓето да ја примаат вакцината сами дома“, рече Кидрон, истакнувајќи дека ова исто така ќе биде клучна придобивка од вакцината во капсула доколку против ковид-19 биде потребно вакцинирање секоја година. А.Р.