Престижното американско списание за патувања „Конде Наст Травелер“ ги наведе хрватските плажи Нугал во Макарска и Златни рат во Бол меѓу 25 најубави европски плажи, соопшти Ина Родин, директорка на Претставништвото на Хрватската туристичка заедница во САД.

“Најновата публикација на едно од највлијателните и најчитани американски списанија за патувања потврдува дека Хрватска одржува видливост и позитивна слика на американскиот пазар. И покрај сегашната состојба, поради која не очекуваме голем број американски гости оваа година, важно е континуирано одржување на интересот и перцепцијата за нашата земја како безбедна и привлечна туристичка дестинација“, посочи директорот на ХТЗ, Кристијан Станишиќ.

Во својата објава, „Конде Наст Травелер“ ги истакнува сите благодати на плажата Нугал, како што е спектакуларниот поглед и кристално чистото море, поради што 40-минутната прошетка до плажата е апсолутно вредна.

Споменати се и предностите на плажата Златни рат, која, со својата впечатлива и необична форма, е идеална и за љубителите на спортови на вода како што се едрење или исправено веслање на даска.

Покрај двете хрватски плажи, на списокот на 25 најубави плажи се најдоа бројни грчки, француски, шпански и италијански плажи. А.Н.