Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, Скопје ги организира 18-те Дебармаалски серенади посветени на виното и љубовта, по повод Св.Трипун и Св.Валентин.
Дебармаалските серенади годинава се одржуваат на 13 и 14  февруари, овој четврток и петок. 
Дебармаалските серенади почнуваат в четврток од 17:00 часот со кршење „Дебармаалска погача“ со песна, музика и вино, кај Пекара „СИЛБО“.
Потоа со серенади се оди по ул.„Костурски херои“ , таму се одржува ритуал на поливање со вода, цвеќиња, бонбони и паричка…
Продолжуваат серенадите по улицата „Дебарца“ кон кафеаната „Антица“, каде се пее и наздравува со бело и црвено вино.
Во кафеаната „Идадија М“ се продолжува со греана ракија песни за виното, љубовта и поезијата.
Серенадите продолжуваат во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебармаало“ каде покрај серенади и поезија се одржува и „беседа за виното и љубовта“.
Завршниот дел е во слаткарницата „Апче“ каде со серенади и поезија се засладуваат со торта и боза учесниците на 18-те „Дебармаалски серенади“.
Учесници на Дебармаалските серенади – 2020 се бројни уметници, музичари, поети, Живко Поповски Цветин,  “Велешки Чалгии”, Горан Алачки, Милка Ефтимова, Љупчо Ангелов, актер и гитарист, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Ристо Краповски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Вики Среброва, Хорот „Серенада“, Валентина Ѓоргиевска – Парго, Моника Стојанова, Тања Стоилковска, Драгица Пандиловска, Илко Димитриевски, Лидија Јеремиќ – Лучко, Горан Анчевски, Јовче Петковски, Емил Чинго и др.
 
Закројување на лоза и пуштање порака за мир и љубов во реката Вардар од мостот кај Жабарот ќе се случува на 14 февруари (петок) во 11:00 часот.