Збирката поезија на англиски јазик под наслов „Thoughts“ (Мисли), дебитантско дело на средношколецот Марко Манасиев, беше промовирана во синоќа во Виница.

Според рецензентот Орце Павлов, оваа прва поетска збирка на младиот Марко Манасиев, е енциклопедија на емоции креирана како одговор на сериозните предизвици инспирирани од секојдневието на адолесцент заробен меѓу два света.

„Станува збор за типична поезија на млад човек кој се соочува со општеството во вистинска смисла и форма, за мисла и фрустрација преточени низ креативен канал“, истакна професорот Павлов, додавајќи дека ова е радосен момент кога денес поезијата е на маргините на општествените текови.

Претставувајќи со своето поетско првенче, Манасиев, ученик во виничката гимназија „Ванчо Прќе“, рече дека неговите стихови се интерпретација на личните впечатоци од осознавање на светот.

Младиот поет одлучил импресиите да ги преслика на англиски, бидејќи како што вели, е голем вљубеник во овој јазик и мислел дека е поинтересно своите размисли да ги сподели со читателите на овој начин.

Излегувањето на книгата беше помогнато од Александар Цветанов, директор на виничката компанија „Мак прогрес“.